Над половина милион евра ќе чини прославата на државните празници и посебно Охридскиот раковен договор.Тендерите ги добија две фирми, на јавни набавки на кои немале конкуренција. Тетовската фирма „Арбериа дизајн“ повторно ќе ја организира годишнината од Рамковниот договор, за која што е задолжено Министерството за политички систем, на чие чело е вицепремиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби, анализира „Дојче Веле“
Фирмата „Скопје Филм Студио“, пак, е задолжена да ги организира прославите за останатите државни празници, како и за настан од Отворен Балкан, за што Владата ќе треба да плати околу половина милион евра.
За четири државни празници – 350 илјади евра
Според договорите коишто се објавени на Бирото за јавни набавки, станува збор за активности поврзани со празниците 2 Август – Денот на Републиката, Илинден, 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание и 8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски.
„Скопје Филм Студио“ ќе треба да „осмисли и реализира активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“ на овие четири празници, за што ќе ѝ бидат исплатени околу 350.000 евра. За осмислување и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан – Отворен Балкан се планирани околу 150.000 евра.
Договорите се склучени во јули, а се на сила до крајот на годината. Како критериум за доделување на договорот се наведува најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. Највисока добиена понуда била 19.991.554 денари, додека најниска добиена понуда е 9.999.224 денари.
Стихотворби и спотови за Рамковниот договор
Што се однесува до договорот со „Арбериа дизајн“, фирмата за 100 илјади евра ќе треба да ја организира манифестацијата по повод 22-годишнината од Рамковниот договор. Покрај хотелски, кетеринг и други услуги, на тетовската фирма ќе ѝ бидат исплатени 300 илјади денари за концепт за организирање на настанот, како и 290 илјади денари за стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудио запис на песна по повод годишнината. За продукција на спот за песната се предвидени околу 4.000 евра. Додека продукцијата на аудио-визулен спот за постигнувањата на Охридскиот договор ќе чини околу 6.000 евра.
Извор Дојче Веле
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.