Првиот човек секогаш е огледало на институцијата и пример на вработените, како непишано правило. Затоа многу е важно за членовите на новата влада својот личен интегритет да го стават во функција на позицијата која ја заземаат и функцијата која што ја обавуваат. Многу е важно каква ќе биде и стручната служба и не зависи секогаш се од првиот човек. Кога критикуваме не го правиме тоа затоа што така сакаме, туку да се подобри функционирањето во системот. Ова го изјави денеска претседателката на Државната комисија за борба против корупцијата Билјана Ивановска, во Утрински Брифинг.

За тоа дали очекува добра соработка со мандатарот Димитар Ковачевски, Ивановска рече дека имале средба и разговарале и дека таа е секогаш оптимист дека има простор за соработка.

Сите избрани и именувани членови на влада се предмет на испитувања на Комисијата. Факт е дека имаме дадено голем број препораки до Владата, од кои 30 проценти се прифатени. Мислам дека новиот премиер и сите министри треба да се погрижат да ги спроведат активностите предвидено со националната стратегија и да ги спроведат нашите препораки, децидна е Ивановска.

Прашана дали треба да постои вицепремиерско место за борба против корупција, Ивановска вели дека тоа се одлуки на Владата и дека не е битно колку тела и кабинети има, туку дали секој член на владата ќе даде свој личен пример дека навистина се бори против корупцијата.

Ресорот вицепремиер за борба против корупција е одлука на Владата. За нас важно е да се креираат политики за спречување на корупцијата. Поле за работа има за сите бидејќи корупцијата кај нас е широко распостранета. Според препораките на ГРЕКО сметам дека треба ваква позиција за спроведување на етичкиот кодекс за добро владеење и управување, рече Ивановска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.