Секторот за градежништво и просторно планирање е еден од најранливите категории од корупција. Корупцијата во секторот градежништво се појавува во многу форми, истакна претседателката на Државна комисија за спречување на корупција, (ДКСК) Билјана Ивановска, на денешната јавна дебата на тема „Измена на регулативата за урбанистичко планирање – потреба или ризик од корупција“. Притоа, таа посочи дека законската регулатива за вршење на многу работи во градежништвото и просторното планирање предвидува издавање на повеќе документи кои се од големо значење, а ако се земат во предвид и градежните зафати кои се многу скапи, сето ова остава простор за притисоци, за влијанија, поттикнувања, односно за коруптивно однесување.

Издавањето на различни документи како и инспекцискиот надзор се сметаат како точки кои може да генерираат ризик од корупција во овој сектор. Во октомври минатата година ДКСК со поддршка на Транспаренси интернашнел и УСАИД, ја објави анализата на правната рамка во областите на просторно планирање, урбанизмот и градежништвото. Со оваа анализа се утврди недоволна синхронизација на законите, нетранспарентност во работата на локалната власт, отсуство на контрола над работењето на општините, како и маргинализација на граѓанскиот сектор, рече Ивановска.

Претседателката на ДКСК, во својот говор истакна и дека многу пати во секторот градежништво не се води сметка за животната средина, односно фокусот на локалната власт е носење на детални урбанистички планови. Според податоците на ДКСК, Законот за урбанистичко планирање е еден од законите кој претрпел најголем број на измени во тек на годините. Последната промена е реализирана минатата година, додека актуелно се предложени нови измени кои според претседателката на ДКСК, се ризик, од причина дека честите измени на законите се голем ризик за корупција.

 Дали предложените законски измени отвораат врата кон процесот на урбанизација на селата во заштитените села притоа без проценка на влијанието кон животната средина и да овозможат секаков тип на земјиште во областа вон населени места да се третираат како градежно земјиште по автоматизам. Дали со урбанизација се стремиме кон уништување на шумското подрачје, дали со овие измени ќе се придонесе кон намалување на диво изградените објекти а со тоа и да не се намали и исплата на комуналии, наведе Ивановска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.