Како Здружение на историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваме дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредивме на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, се вели во денешната реакција на здружението.
ЗИРМ лани на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднесе барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за V одделение. Тоа барање беше проследено со критичка анализа на 30 страници за 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла.
Предупредивме дека овие пропусти кај учениците ќе создадат погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста. Во оваа прилика јавно прашуваме дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30%! Воедно изразивме цврста увереност дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата за основно образование, поради што побаравме од Министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова концепција, за да не се повторуваат во иднина ваквите недозволиви пропусти.
Поаѓајќи од тоа, најновата актуелна состојба предизикана од отсуството на Историјата во наставните програми за шесто одделение, за нас како Здружение на историчари воопшто не е изненадување. Причината е што ние како здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија. Досегашната практика на примената на концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската Унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата.
Укажувајќи на штетните последици од понатамошното спроведување на концепцијата во однос на наставата по историја, категорично застануваме во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање, поради кратењето на бројот на часови по историја, а што е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја. Во таа смисла, цврсто опстојуваме на ставот дека Историјата мора да остане посебен предмет и воедно ги поддржуваме колегите кои сметат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно.
Притоа, предупредуваме дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување на нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за VI одделение за вештачки конструираниот предмет „Историја и општество“, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме!
Укажувајќи на досегашните сериозни штети причинети од Концепцијата за основно образование, што наоѓа директен одраз во несоодветните наставни програми и на учебниците како краен продукт, категорично бараме од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница. Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова концепција, бараме да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина.
Усвојувањето на новата концепција, ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин, ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници кои ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата, а не подредени на задоволување на моменталните политички цели.
Квалитетот на образованието е наша заедничка обврска и должност како историчари и како совесни граѓани, бидејќи младите генерации се столбот на иднината на државата. Во спротивно, како држава и како нација и натаму ќе бидеме на самото дно во однос на квалитетот на образовниот систем во Европа“, зе вели во реакцијата на Здружението на историчарите на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.