Управата за финансиска полиција, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи заедно спроведуваат засилени и сеопфатни контроли за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето со храна и горива, информира Владата.
Инспекциски контроли на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти и на правните субјекти кои вршат трговија на мало и големо со нафтени деривати на територија на целата држава се спроведуваат со цел да нема застој во снабдувањето со прехранбени производи, овошје, зеленчук, енергенси и да не се создава паника кај потрошувачите, се нагласува во соопштението.
Како што истакнуваат од владината Прес-служба, контролите се сеопфатни и затоа се делува координативно и пред сé кај дистрибутивните центри, односно трговците на големо и оние маркети кои имаат сопствени магацини и дистрибутивни центри од каде што се преземаат производите.
На овој начин ќе се надминат сомнежите дека не се дополнуваат рафтовите со производи, иако ги има на залиха и токму затоа се прават контроли во дистрибутивните центри на големо. Владата апелира дека во овие услови никој не смее да профитира на грбот на граѓаните. Владата заедно со надлежните институции информира дека со излегувањето на терен и засилените контроли веќе се нормализира состојбата. Храна, гориво и енергенси има доволно, граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Државата е подготвена да одговори на сите предизвици поврзани со кризата, се потенцира во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.