Владата ги задолжи државните институции до 25 април оваа година да ги ажурираат податоците и информациите на националниот портал Е-услуги за услугите што им ги даваат на граѓаните по електронски пат, информира вицепремиерката задолжена за добро владеење, Славица Грковска.

Националниот портал за е-услуги е електронска платформа, преку која граѓаните може да добијат информации за јавните услуги коишто ги нудат институциите по електронски пат. Целта на порталот е навремено и точно да ги информира граѓаните кои услуги надлежните институции ги издаваат по електронски пат.

Од пуштање на порталот во употреба во 2019 година до денес се внесени еден дел од услугите, но за жал не е направено ажурирање на постојните и на новите услуги кои ги даваат. За таа цел преку Информација до Владата ги задолживме државните органи на јасен начин да информираат за услугите што ги даваат и за сите податоци што се неопходни за тие услуги – нагласи Грковска, во гостување на Дневникот на националниот радиодифузен сервис.

Таа додаде дека нејзиниот кабинет има редовна соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата, со Државниот завод за ревизија, со Бирото за јавни набавки, како и со други институции, со цел да се детектираат постојните проблеми и да се дојде до заеднички решенија за нивно надминување.

Во однос на постапките за јавните набавки и како да се отстранат сите можности за нивни злоупотреби Грковска најави дека веќе е направена анализа на тековната законска регулатива, ќе следи и преглед на тековните антикорупциски мерки и како тие да се надминат посебно во контекст на итните и неодложни јавни набавки.

Мора да најдеме системско и сеопфатно решение во делот на јавните набавки. Многу е важно да ги видиме најдобрите практики што функционираат во другите држави и колку тие може со одредени прилагодувања да се имплементираат – додаде Грковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.