Братството при манастирот „Св. 40 Севастиски Маченици“ с. Банско, Струмица реагира на текстот на Ана Василевска насловен „Црквата да искулира, и таа е именка од женски род, а сексот е од Бога даден“. Во него Василевска го дава својот став зошто треба да има сексуално образование во училиштата, бранејќи го МТСП и нивното излагање дека „Сексуалното образование во училиштата ќе овозможи поддршка на младите во созревањето, да изградат сопствен систем на вредности и самопочит што ќе им овозможи да носат одговорни одлуки и да се однесуваат одговорно, да се спречи предвремени и незаштитени сексуални односи, да се превенираат бројните несакани последици од незнаење и предрасуди, злоупотреба и насилство и да придонесе за развој на толерантни и квалитетни односи помеѓу момчињата и девојчињата засновани на меѓусебна почит“.
Кој дел од оваа намера е спорен и проблематичен за Цркавата? Во секоја реченица од наведеното објаснување на МТСП е содржано тоа што е спорно за „конзервативната Црква“ или ако сакате тоа што ним не им одговара: зрели личности со сопствен систем на вредности, самопочитување, одговорност, спречување на несакана бременост (да не станат машини за раѓање) , превенција на злоупотреба и насилство кон девојчињата, и взаемна рамноправна почит.
Заканата која ја чувствува Црквата, нема никаков мотив во добронамерноста односно како што се истакнало на трибината “стравувале дека ќе се загубеле моралните вредности и децата нема да знаеле што е љубов“, туку во стравот дека можеби овие освестени индивидуии, нема да сакаат баш на црквата да и истураат пари за венчавки, крштевки, да се крстата и да палат свеќи за да не забременат, туку самосвесно ќе одлучуваат за својот живот и ќе понесат одговорност а нема да се предадат „во рацете на бога“ и сите грешки да ги припишуваат на божјата волја, пишува меѓуостанатото Василевска.
Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:
Почитувана,
Една од првите лекции во духовниот живот што ги добивме од нашиот отец како млади монаси, штотуку зачекорени во манастирот беше:
„Великиот пост, носи и големи искушенија“, и еве денес, со главите приклонети пред Божјото допуштање, се присетуваме на неговите поуки, но тоа не значи и дека ќе останеме неми пред лагата. Водени од евангелските зборови на нашиот Спасител и Господ Исус Христос: „Јас сум патот, вистината и животот“, се чувствуваме повикани да ја кажеме вистината. Се работи за настан на кој бевме присутни, а кој потоа намерно се изобличи, до мерка на непрепознатливост, што просто се запрашавме: Кога, од ова за што се обвинува Владиката, беше кажано?
Ние монасите стоиме постојано пред невидливиот Бог, бидејќи тој е видлив за нас и нашите срца. Бог ни го има доверено своето Дело, и ние служиме во делата на правдата оти и самата правда е Божествено дело. И во животната арена војувајќи против лагата, за која знаеме чија рожба е, ние војуваме за Христос, за нас распнатиот.
На трибината на која говореше Епископот Јаков, не се кажа ништо од клеветите за кои вие пишувате. Ерата која ја живееме направи се да е лесно проверливо, и со наједноставна компарација на кажаното од страна на Владиката и обвинувањата во вашиот текст – сите можат да допрат до вистината. Во православното предание, гревот направен од незнаење, нема иста тежина со свесното чинење зло. Од вашето писание се надеваме дека се работи за првото, бидејќи непознавање на историјата световна, а потоа и на црковната, многу открива за вас дека сте далеку од познавање на другите науки, во кои несреќно се вплеткувате.
Она што Епископот Јаков сакаше да им го доближи на присутните е дека за темата на трансродовоста не постои унисоноста на глобално ниво, но и дека има ластовички кои сè уште не ја чинат, но да се надеваме, ја навестуваат пролетта.
Фотографиите што беа презентирани со појаснувањата од негова страна, не беа нешто што тој го измислил или на сон му се сонило, тие луѓе постојат со име и презиме, како што постојат и контроверзите кои ги предизвикаа. Не мора да ни верувате, но проверете ги имињата на Lia Thomas, Veronica Ivy, Chloe Barnes, Alexia Cerenys, Cece Telfer, Laurel Hubbard, Tiffany Newell. И да ве прашаме, дали и скорешната одлука на светската атлетска федерација, за забрана на трансродовите спортисти да се натпреваруваат во женска категорија, во иднина биде презентирана на некоја трибина ќе се оцени како атак на феминизмот, трансфобија и мизогинија? Самиот претседател на ова тело, во образложението на одлуката вели дека се водел од „принципот за заштита на женската категорија“.
Почитувана, погубно е кога ќе размислиме, наместо вие, новинарите, ние како монаси, да ве потсетуваме на Волтеровите зборови за положувањето на животот во одбрана на правото на инакво мислење. Ставовите на Епископот Јаков, во однос на трансродовоста на места се идентични или блиски со ставовите на Џ. К. Роулинг, Пирс Морган, Тери Гилијам, Џон Клиз, Дејв Шапел, Џордан Питерсон. Како поминаа тие заради јавно искажаното мислење, знаат тие самите најдобро, а ние може само да претпоставиме гледајќи ги хоровите „праведници“ разјарени како дива орда од сцена на вестерн филм, со факли и јажиња пред затворот, спремни да бидат судија, порота и џелат во истовреме.
Понатаму, ни стои како прашање, зошто не ги ни споменавте претставниците на здруженијата на граѓани и граѓански асоцијации кои беа учесници на трибината, но водени од родителската љубов и грижата кон потомството, беа на дијаметрално спротивна страна од Платформата за родова еднаквост Хера, Коалиција Маргини, и другите што учествуваат во изготвување на законот. Страв ни е и да помислиме дека ја живееме Орвеловата – сите организации се еднакви, само некои се поеднакви од другите. Но ете, кој би рекол дека после диктатурата на пролетеријатот ќе ја (до)живееме и диктатурата на невладините…
И ве молам, на крајот на краиштата, се работи за децата… Свети Теофан Затворник поучуваше дека спасението на родителите доаѓа преку доброто воспитување на децата. Ако богослужбениот манастирски циклус најмалку еднаш дневно нè потсетува на зборовите на Свети Софрониј Сахаров – „Братот мој е мојот Живот“, како може тогаш да се оглушиме на повикот на ближните?
Простете ни ако што било од ова што го напишавме Ве повреди. Навратете некогаш на гости, портите манастирски се како дверите на срцето, ширум отворени секому. Немаме многу, но фала Му на Бога, имаме доволно „срам да отсрамиме“ со чај собран од Беласица, домашно слатко и јаворова сенка. Гледајте да биде недела, кога црквата е полна со млади родители и деца, и загледајте ги внимателно кога излегуваат од неа, озарени во лицата по средбата со живиот Бог. Тогаш најубаво ќе се уверите дека се молат и „палат свеќи“ за нешто сосема друго од тоа што вие претпоставувате…
Братство при манастирот „Св. 40 Севастиски Маченици“ с. Банско, Струмица.
П.С. Оној несреќен плагијат – плакат, намерно не го искоментиравме, оти презирот кон препишувачите, што го имавме од основното училиште, преку средното, па сѐ до факултетите, се нема сменето до ден-денес…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.