Љупчо Палевски – Палчо, кој е осомничен за двојното убиство што ја потресе македонската јавност, беше „таргет” и на СЈО, но никогаш против него не беше поднесено обвинение и не беше осуден.

Неделникот „Фокус” пред три години истражуваше што се случи со случајот „Никола Тесла”, кој водеше до името на Палчо, но и до мотивите зошто предметот се кочи.

Поточно, во 2017 година Палчо беше уапсен, поради сомнеж дека објавува нелегални прислушувани разговори, но предистрага никогаш не беше завршена.

Поточно, во 2016 година на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани разговори, од кои повеќето приватни. Тогаш најзасегнати беа пратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, новинарите Оливера Трајковска, Драган Павловиќ Латас, Ивона Талевска, бизнисменот Јордан Камчев, поранешниот премиер Хари Костов и други.

Тогаш Латас побара помош од СЈО и поднесе пријава, по што беше отворена предистражна постапка. Шефицата на СЈО ги повика и останатите оштетени да дадат исказ во обвинителството.

– Ги повикувам засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да поведеме соодветни кривични постапки. Истовремено, ги повикувам сите што поседуваат незаконски прибавени аудио и друг вид разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до Специјалното обвинителство, повика тогаш Катица Јанева.

По една година од пријавата, по наредба на СЈО беше уапсен бизнисменот Љупчо Палевски – Палчо. Тогаш сите медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека Палевски е уапсен како осомничен за објавување на овие „бомби“, затскривајќи се зад псевдонимот Никола Тесла. По дваесетина часа поминати во полициска станица, и четири часа во просториите на СЈО, Палевски беше пуштен на слобода.

Од домот на Палевски, истражителите на СЈО одзедоа и компјутери и мобилни телефони, но не беше откриено што пронашле во нив.

Сепак, во последниот извештај на СЈО, се дозна дека при неколку претреси за потребите на предистражни постапки биле одземени 98 електронски уреди, но не се посочуваше дали некои од овие уреди биле и од домот на Палевски. Од Обвинителството само откриваа дека за дел се завршени вештачењата.

– Веќе се изготвени и доставени вештачења од страна на МВР, а анализата и обработката ќе продолжи во следниот период при што се чека и да се достават вештачењата за уште вкупно 35 електронски уреди одземени при споменатите претреси, потенцираат од СЈО.

Беше нејасно зошто тогаш СЈО овој предмет сѐ уште го држи во фаза на предистрага?

Поради недостиг од официјални информации, шпекулациите одеа дури дотаму дека се штити одреден осомничен, кој се поврзува со владин функционер. Односно, ако картите се отвореле до докрај, наводно, и оваа заштитена ѕверка би завршила зад решетки.


Целиот текст на Фокус.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.