Пациенти закажуваат термини на кои не се појавуваат и сега се бара решение за ваквото неодговорно однесување, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, по презентацијата на апликацијата „Мое здравје“, во одговор на новинарско прашање во однос на поплаките на граѓани дека „имаат проблем како да стигнат до доктор специјалист“, со оглед на тоа што има многу малку термини, посебно за дијагностика.
Меџити изјави дека се согласува оти има проблеми во однос на ова прашање, додавајќи дека откако е министер презеле „потребни дејствија“ и имало контроли.
Веќе сме при кај со овие контроли и ќе ги имаме точните податоци, кои институции како работат и дали ќе треба да даваат повеќе термини, сѐ тоа во деновите што претстојат, појасни Меџити.
На прашање дали има констатирано злоупотреби, тој одговори потврдно.
Но, затоа сме тука сѐ да решиме и од сега натаму да нема проблеми веќе со термините за пациентите за закажување, додаде министерот.
Тој посочи дека можеби и кај пациентите треба да има „една мала дисциплина“, затоа што многу често пациенти кои имале закажано, пред се за компјутерска томографија или магнетна резонанса, не се појавуваат на закажаниот термин, а не ги откажуваат термините.
Со ова прашање нѐ поддржувате и нас како Министерство и како лекарска фела. И јас како лекар до вчера ги чекам двајца, не доаѓаат, и нормално, тука има проблеми. Но, ќе најдеме начин и тоа да го санкционираме, во позитивна смисла, дециден беше Меџити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.