И денеска е блокиран регионалниот пат Градско – Прилеп. Со протест се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш“. Блокадата ќе остане до 13 часот, а се пропуштаат итни случаи.

Учесници на протестот за МИА изјавија дека се револтирани поради проблемот со каналот за наводнување. Тие бараат најбрза санација, како и алтернативен начин за наводнување, додека се врши санацијата. Затоа што, како што нагласуваат, загрозени им се земјоделските култури и нивната егзистенција.

Претседателот на месната заедница Сирково Веле Коцев за МИА информираше дека бараат  вонредна седница на Совет на Општина Росоман, прогласување на елементарна непогода и алтернативно решение за да се спаси сезоната. Блокадите ке траат до изнаоѓање на решение.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вчера ги информираше земјоделците од општина Росоман дека заеднички со другите институции во изминатиот период активно работеле на изнаоѓање решение за отстранување на дефектот настанат на сифонот Макарија.

Владата пак информираше дека на вчерашната седница ја разгледала и усвоила Информацијата за состојбата со сифон Макарија, во ХМС „Тиквеш“, по настанатото оштетување, од коешто најзасегнати се земјоделците од општина Росоман, како и понуденото решение од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.