Под наслов „Деманти на интригите на исплашените политичари”, поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук пишува за своите познанства со Данела Арсовска и со Драган Митковски, кои, како што пишуваат медиумите, ќе формираат нова политичка партија.

Драги Митковски никогаш не ми бил ниту формален, ниту неформален советник, поточно никогаш не сум побарал, ниту добил совет од него. Информацијата за собирањето потписи за партијата на Данела Арсовска ја добив од медиумите и немам никаква комуникација, поврзаност или соработка со било кој од двајцата, пишува Груевски и објаснува дека „ова е демант на објавите на некои портали, од кои видливо е дека имаат намера да направат конструкција, очигледно излезена од една партиска кујна”.

Со Драги Митковски живеев во исто маало како дете, од мојата седма до некаде околу петнаесетгодишна возраст, по што околу две децении немав ни случајна средба со него. Потоа неколку пати се сретнавме на годишен собир на некогашни деца од тоа исто маало, повеќето одамна иселени од таму, каде што секој со секого разговара и се фотографира и од каде имаме заеднички фотографии, како и при неколку други случајни или спортски настани.

Со Данела Арсовска, како што еднаш објавив сум имал отприлика 6-7 службени средби, во време кога таа беше претседател на ССК, а јас премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од тогаш, ниту имам комуникација со неа, ниту било каква соработка или поврзаност со политичките активности и планови на Данела Арсовска и на Драги Митковски, ниту пак тие се обиделе да побараат нешто такво, пишува тој.

Груевски ја користи приликата да демантира дека во Будимпешта се сретнал со Артан Груби или со Максим Димитриевски.

Артан Груби последен пат го сретнав во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на 2017 година, во придружба на Али Ахмети. Максим Димитриевски, кој мислам дека е еден од неколкумината кои во изминатите денови добија од ист центар насока деновиве да измислуваат мои наводни средби, не се сеќавам дека било кога во животот сум го сретнал, пишува Груевски.

На политичките партии кои контролираат одредени портали и имаат некаква моќ, додава поранешниот премиер, им советувам да ги концентрираат напорите, времето и енергијата во продуктивни и општо корисни цели, заради кои и постојат и имаат некаква смисла, наместо во интриги, заговори и бесмислено трошење на времето на активности од ваков тип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.