Европската унија нема друга алтернатива освен итно интегрирање на регионот. Јасната перспектива за членство во ЕУ е од суштинско значење за стабилноста на регионот, затоа проширувањето мора да се изврши веднаш, без одлагање и без никакви двоумења, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во Тирана каде присуствува на конгресот на Социјалистичката партија
„Колку е подалеку Брисел, толку е поблиску Москва. Колку помалку Европа на Балканот, толку повеќе простор за Русија. Украина не е далеку и сите ги чувствуваме последиците“, истакна Груби.
Потенцира дека солидарноста денеска со Украина несомнено значи интеграција без ниту едно одложување на Албанија и Македонија, заедно, неразделни.
„Несомнено, надворешната политика, односите со Европа, безбедноста и меѓусебните односи на земјите од Југоисточна Европа, се акутни теми за кои со последните настани во Источна Европа треба да се мултиплицираат активностите и да се третираат овие прашања повнимателно од кога било. По интензивната соработка меѓу нашите политички сили во рамките на Западен Балкан, единствена цел има да се отстранат дисонансите за неспорната цел кон патот или патеките кои ќе не водат до заедничката цел, интеграцијата во ЕУ и НАТО. Обединетиот глас на Албанците од Западен Балкан треба да биде столбот на евро-американскиот дух на нашиот регион, со конститутивни и суштински пристапи во обликувањето на стратешките приоритети на нашите земји за регионот и за претставувањето на регионот во политиките на целосната интеграција“, рече Груби.
Бидејќи Балканските конфликти не беа доволни сигнали за потребата од европска интеграција на регионот, тогаш, нагласи Груби, Украина е аларм за сите доцнења и недостигот на консолидација на надворешната и безбедносната политика на Европската Унија.
„Во 2008 година во Букурешт, билатералниот спор со Грција не одвои од нашето заедничко патување со Албанија и Хрватска кон НАТО. Оваа затворена врата и немањето перспектива не доведе до изразот „заробена држава“ и е една невидена криза. Попуштивме и се пожртвувавме како ниедна друга земја со цел да бидеме дел од НАТО, со 11 години задоцнување, но вредеше. Денес, во 21 век, уште една апсурдна полемика од 18 век ни ја држи вратата на Брисел затворена во лице. Ни се случува Мариупол, Буча, Киев, Луганск, Доњецк, војни, здравствени кризи, економски, воени кризи, вртоглави цени и несигурност насекаде, а ние во 2022 година треба да одлучиме кој што бил и на кој јазик зборувал во 1945 година. Гледам дека Европската Унија ја изгубила лозинката за надминувањето на насобраните проблеми и не може да ја најде затоа што некој ја сменил и во последните 50 дена до ден денес лозинката е Украина, со големо У“, додаде првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.