Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска го прими на проштална средба амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс.

На оваа средба се разговараше за актуелните состојби во земјата и регионот, соработката во рамките на НАТО, билатералните односи, како и за последните случувања поврзани со процесот на евроинтеграција на земјата.

Груби, ја поздрави континуираната соработка со Унгарија, посочувајќи дека Македонија ја цени унгарската поддршка за добивање на датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, како и подготвеноста за споделување на експертски искуства.

Tој истакна дека за стабилноста и безбедноста на регионот како и во контекст на новите гео-политички околности многу е значајно деблокирањето на евроинтеграцискиот процес и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Груби изрази целосно уверување дека европскиот предлог за одржување на првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите за членство во Европската унија не го загрозуваат на било кој начин идентитетот, културата, историјата и македонскиот јазик.

Политичарите се избираат за да носат одлуки, затоа потребна е смелост за донесување одлуки што ја гарантираат иднина за земјата, а не личната кариера на некој функционер.

Опозицијата секогаш била против сите ставови и стратешките одлуки за земјата, а историјата докажала дека била на погрешна страна.

Груби се заблагодари за дипломатскиот ангажман и посветеност на амбасадорот, Ласло Иштван Дукс и неговиот придонес за унапредување на односите меѓу двете земји и воедно му посака понатамошен успех на личен и на професионален план.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.