Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Косово во Македонија, Флоријан Ќехаја, со кого разговараше за предизвиците со кои се соочуваат двете земји, како и за можностите за заедничка соработка.

Двајцата соговорници ја потенцираа финансиската и енергетската криза како проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот и ја нагласија потребата од меѓусебна соработка во процесот на нивно надминување.

Како што соопшти нејзиниот Кабинет, Грковска истакнала дека креирањето ефикасни антикорупциски политики, јакнењето на интегритетот и транспарентноста, се предизвик со кој се соочува целиот регион и затоа, соработката меѓу земјите во регионот во овој сегмент е многу значајна.

Грковска ја напоменала и посветеноста на процесите на дигитализација и нагласила колку е важен овој процес за олеснување на животот на граѓаните. Таа ја образложила работата на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, вклученоста на сите институции кои работат на овие процеси и нагласи дека овој процес не е едноставен, има многу предизвици, но е клучен доколку сакаме да изградиме ефикасен систем.

Амбасадорот Ќехаја оценил дека е предизвик да се раководи Кабинет кој е надлежен за политики за добро владеење, со оглед на тоа што станува збор за широк спектар на надлежности кои се во насока на изградба на ефикасен и функционален систем.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.