Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, изјави дека секоја помош во каква било форма, за брз напредок во борбата против организираниот криминал и корупцијата е добредојдена.

Во гостување во емисијата Топ тема на Телма одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер ја толкува двонасочно.

„Од една страна како поддршка и помош за разрешување на крупни коруптивни случаи, a од друга страна како критика за моменталната состојба за степенот на корупција во нашата држава“, рече вицепремиерката Грковска.

Таа истакна дека најважно е тоа што Владата сега ќе има дополнителна помош за справување со криминалот и корупцијата.

Вицепремиерката истакна дека институциите треба да бидат свесни дека постојат за граѓаните, а не обратно.

„На настанот што го организирав заедно со вицепремиерот Маричиќ и евроамбасадорот Гир, реков дека целокупната состојба во државата и вклучително и во делот на корупцијата е одговорност на сите нас што е во таа сала. Јас не ја изземам Владата од одговорноста ниту институциите. Треба да се види која е најслабата алка и од која причина добиваме вакви отворени пораки од страна на нашите меѓународни пријатели“, рече вицепремиерката Грковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.