Сите институции треба сериозно да го земат предвид Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија и да се посветат на унапредување на ефикасноста и одговорното работење, заклучија на денешната средба вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.

Грковска на средбата изразила благодарност до амбасадорот Гир за поддршката што Европската комисија и ја дава на нашата држава во процесот на преговорите за членство во Европската Унија.

Амбасадорот Гир, пак, истакнал дека Европската комисија посветува особено внимание на антикорупциските политики кои како област се опфатени во речиси сите поглавја на преговарачкиот процес.

Во тој контекст, вицепремиерката Грковска информирала дека презема мерки за редовна координација со сите институции кои се значајни, не само во делот на креирање антикорупциски политики и мерки, туку и во делот на нивно имплементирање со цел ефективно справување со корупцијата.

Таа нагласила дека ефикасните антикорупциски политики и справувањето со корупцијата и организираниот криминал се врвен приоритет на Владата, но за да има успешни мерки кои даваат резултати мора да се обезбеди сеопфатен и координиран пристап и целосна посветеност од страна на сите институции.

Двајцата соговорници, како што информираат од Кабинетот на Грковска, се осврнале и на процесот на дигитална трансформација на општеството, кој исто така е важен за унапредување на капацитетите на институциите во поглед на услугите што им ги пружаат на граѓаните, но и во однос на ефикасни антикорупциски мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.