Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Рејчел Галовеј, која потврдила дека Велика Британија останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Македонија и нагласила дека двете страни ќе продолжат да работат заедно во правец на просперитет на земјата, со акцент на засилена соработка на полето на дигитализацијата, владеење на правото и професионализација на институциите.

Вицепремиерката Грковска, ја изразила својата цврста решеност и посветеност на досега зацртаните стратешки цели за добро владеење во државата, со фокус на владеењето на правото, дигитализацијата и решителна борба со корупцијата.

Како Влада имаме динамичен старт, дефиниравме остварливи приоритети и долгорочни решенија кои се однесуваат на стратешките интереси на државата. Нашиот фокус е на борбата со корупцијата во која ќе се вклучат сите институции на државата, додека Владата на Република Македонија ќе ја обезбеди легалната основа за спроведување на овој процес. Еден од клучните приоритети ни е и дигитализацијата која е всушност база за спроведување на политиките на добро владеење – изјавила Грковска.

Таа подвлекла дека во овој процес клучно ќе биде и интензивирањето на соработката со невладиниот сектор.

Вицепремиерката го подвлекла значењето на донесување на Законот за конфискација на сопственоста кој е во драфт верзија и ја истакна важноста од неговата посветена имплементација како и подобрениот системски пристап во процесот јавни набавки.

На средбата, амбасадорката Галовеј ја нагласила подготвеноста на Велика Британија да ги споделува своите искуства во таргетираните области и да ги поддржува клучните реформски процеси.

Вицепремиерката Грковска и aмбасадорката Галовеј се согласиле дека ќе продолжат со плодната соработка во насока на остварување на стратешката цел на Владата за добро владеење со цел државата да има професионални институции кои работат во полза на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.