Штрајкот заврши, но не и проблемите во градинките. Откако економската криза и лошото менаџирање на власта предизвика рапиден раст на цените на стоките и услугите, градинките се соочуваат со големи проблеми да ја одржат ликвидноста на градинките, а притоа да не се намали квалитетот на храната која се нуди во градинките, алармираат од Левица.

Како што наведуваат директорите на градинките, невозможно е самостојно да го надминат овој проблем, па несомнено се јавува потреба од брза реакција од Владата, односно надлежното Министерство за труд и социјална политика и министерката Јованка Тренчевска. Излезот од ваквата состојба, директорите го гледаат или во зголемување на дотациите од Владата или во зголемување на цените на услугите во градинките. Во време на економска криза, не смее да се дозволи покачување на цените во градинките и дополнително да се оптерети домашниот буџет, велат од Левица.

Од партијата бараат Владата итно и без одложување, преку пренамена на средствата наменети за непродуктивни трошења, да обезбеди дополнителни средства за дотации во градинките, со цел да се превенира покачување на цените во градинките на терет на родителите, кое дополнителни би ја отежнало финансиската состојба во која егзистираат голем број од семејствата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.