Вкупно 23 барања за остварување на правото на надоместок за попреченост биле одбиени во 10 центри за социјална работа во државава поради условот навршени 65 години што го предвидува член 44 став 2 од Законот за социјална заштита. Народниот правобранител го смета ова законско ограничување за дискриминирачко и бара Министерството за труд и социјална политика да преземе мерки. Од МТСП велат дека ќе постапат согласно конечната одлука на Уставниот суд, кој уставноста на овој член ќе ја оценува в среда.

Според Законот за социјална заштита, надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост, според член 44 став 2 од овој закон, може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Токму овој став, според Народниот правобранител, е ограничувачки услов за пристап и остварување на правото на надоместок заради попреченост. Оттаму велат дека истиот во себе содржи нееднаквост, односно дискриминирачка одредба кон останатите лица кои го остваруваат ова право.

Попреченоста е состојба со која што определено лице може да се стекне и после 65 години и не смее закон со кој што се утврдува определено право, да ограничи по возраст. Тоа претставува основ за забрана за дискриминација, основ кој што го препознава и Законот за заштита и спречување од дискриминација, меѓутоа и Европскиот суд за човекови права, но и меѓународните конвенции, велат од Народниот правобранител.

Нееднаквиот третман при користење на надоместокот поради попреченост, Народниот правобранител го нотира и во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето, почитувањето, унапредувањето и заштита на човековите слободи и права во Република Македонија за 2020 година.

Ако сте постари од 65 години, а сте лице со попреченост, според постојните законски одредби немате право на паричен надоместок поради попреченост, освен ако ова право не го остваривте до 65-тата година. Ваков апсурд утврди Народниот правобранител откако на негова адреса стигна претставка од граѓанин кој поради старосната пречка (бил постар од 65 години) не можел да оствари право за овој вид на паричен надоместок. За надминување на овој проблем со нееднаквиот третман на граѓаните врз основа на годините, Народниот правобранител достави Мислење до Министерството за труд и социјална политика, во кое побара да се процени оваа одредба од Законот за социјална заштита, стои во извештајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.