Колумна на Драган Павловиќ Латас објавена на Вечер.мк

Куртуливме од заразната 2021 и, што може да очекуваме годинава? Да почнам од големата слика, од надвор, што директно ќе влијае и врз нас.

По напнато во Европа, и во светот, не било последниве дваесеттина години. По сите основи. Еуростат објави дека просечна инфлација лани во Еврозоната била 5%, што е најголема инфлација уште од 1997 година. Европа личи на играч на терен кој се бори за здив и преживување, а не за резултат и победа во натпреварот.

Германија ја нема веќе Меркел, централен авторитет и визионер на силна Германија и стабилна Европа. Сега Германците се со шарена влада без видлива визија, од која Вашингтон очекува да води студена војна против Русија. Сред енергетска криза ги тераат да не купуваат гас од Русија и да ги затворат атомските централи за, потоа, Америте да им градат нови, од петата генерација. Без стабилна и силна Германија, Европа нема шанси за опстанок, освен животарење во хаос.

Франција без силна Германија е добра за отстрел, и таму допрва, годинава, ќе гледаме проблеми и етнички, и економски и стратешки. А Франција е единствена од силните европски држви која минативе децении имаше разумен и неутрален став кон Балканот, беше баланс помеѓу Американците и Германците. Беше надеж за балканците.

Европската индустрија е закочена без руски гас, без корејски чипови, без нова образувана работна сила од Источна Европа. Без раст на пазарите во Кина, Русија и Индија кои под притисок однадвор се повеќе ги третира за опасност, а не за деловен интерес.

Светот влегува во хаос. Избраните влади паѓаат под мултинационалните компании, бизнисите и интересите на воената индустрија. Се почесто гледаме генерали на вестите наместо политичари. Децата ни ги воспитуваат непознати алгоритми од интернет, без одговорност за последиците од тоа. Последиците остануваат терет на родителите.

А на Истокот? Кинезите газат се пред себе, доминираат, и чекаат момент да го вратат Тајван во својот систем. Светот е заплашуван од влез на руска војска во Украина која е типувана за нова НАТО членка на руската граница. По два неуспешни државни удари, во Белорусија и Казахстан, согласно искуството по неуспешниот државен удар во Турција, може да се рачуна дека Русија го засили својот сојуз и влијание во тие две држави.

Па дали руска војска ќе ја освојува Украина? Тешко. Речиси невозможно. Прво, Русија нема потреба да ја ризикува својата економија со таква масивна војна бидејќи Украина има 40 милиони жители и тоа не е војна која би траела месец дена. Второ, Русија има под контрола територии на Украина преку кои ја блокира за влез во НАТО, а ако ги преземе тие територии Украина без притисок од внатре едногласно и лесно би влегла во НАТО.

Светот е во хаос, и не само заради корона вирусот. Шокантно е што дури и на нас, ваксерите кои примивме вакцини со верба во нив, ни е јасно дека вакцината не помага да се спасиш од зараза со ковид, како што заклучи и белгискиот премиер Де Кро, но битно помага да не се заврши во болница или да се умре од тоа. За мене – доволно. Што целата хистерија се повеќе личи на добро организиран бизнис и политичка цел во хаосот да се држат општествата под закана и зависност од вољата на политичарите.

Бил Гејтс, експертот за се и сешто иако нема завршено ниту еден факултет, а се прославил само во бизнисот со софтвер, во контекст на ковид хистеријата рече дека е разочаран од тоа колку малку доверба граѓаните имале во своите власти. И, така, Бил Гејст ја воспостави директно врската помеѓу ковид хистеријата и политиката.

А зошто мора граѓаните да имаат доверба во власта? За да имаат доверба политичарите треба да им дадат аргументи, јасни, реални и корисни. Нема доверба на невидено. Оние што во мирно време, пред ковид хистеријата, беа лоша власт во време на епидемијата се покажаа уште полоши. Ја користеа кризата за воведување мерки кои инаку не би смееле, за корупција, за ограничување граѓански слободи без јасна цел и резултат.

Претседателот на Филипини, Дутерте, кој убива наркомани најави апсење за сите што не сакаат да се вакцинираат. Макрон најави дека ќе стори се да им го направи потежок животот на тие што “немале доверба во власта“. Е, тоа е Европа денес. Разликите помеѓу Филипини и Европа стануваат се помали.

Ние, нормално, пловиме на Сплавот на Медузата, сликан од Жерико, што плута без патоказ и план по океанот полн со очајници и дезориентирани што не знаат веќе ни кои се, ни што се, ни што ќе биде утре со нив. Затоа, мислам дека Сплавот на Медузата од Жерико треба да се наслика во централната сала на Собрание како национален белег.

Не очекува нова влада со истата, стара власт. Истите навики и модел на владеење и однесување. Зошто би го менувале. Ниту знаат како поинаку, ниту им се исплати да сменат нешто. Вака се богати од државни пари, имаат свои обвинители и судии кои им ја гонат опозицијата и им работат на повик, подземјето им е во функција, медиумите и социјалните мрежи им се под контрола… а странците им гледаат низ прсти за да го прифатат ултиматумот од Бугарија. Кој нормален верува дека почеток на преговори со ЕУ има било каква корист за граѓаните, а прием во ЕУ можеби некогаш далеку, или ни тогаш.

Новиве од СДСМ повикуваат на помирување и единство! Богати, како им текна сега, откако ја решија Северна, отворија нова рана со Бугарија, албанизараа држава и државна администрација, подземјето стана партнер на власта, прогонуваа и ставија под истраги и судења речиси се што не им е под контрола… Сега им текнува на помирување и единство.

За помирување треба интерес на двете страни: прогонувачите и прогонетите. Какво е тоа помирување кога Фамилијата Заеви, Филипче, Ден Дончев, пола ДУИ, Анѓушев, Шилегов, “економскиот совет“ на СДСМ за поделба на рекети и тендери… според европски проценки ќе украдат околу 800 милиони евра од државата, од буџетот, за четири години и потоа сакаат помирување, и помилување за да ги сочуваат парите без последици по себе.

Какво е тоа помирување кога СДСМ и ДУИ пред суд со незаконски создадени и незаконски прибавени туѓи телефонски разговори и без вештачење употребени за докази водат истраги и гонат над 200 луѓе кои, јавно, Заев и СДСМ ги прогласуваа со години за свои политички непријатели. Кој ќе ја плати цената на таквото помирување? Секој Македонец што има зијан од 800-те милиони евра украдени од неговиот буџет, стотици политички прогонети сосе нивните фамилии и пријатели не го гледаат тоа помирување.

Со кого ќе се помират СДСМ и ДУИ ако наведените, кои со години трпат штета од нивните корупции и диктатура, немаат сатисфакција? Со опозицијата? Тешко, со такво еднострано помирување опозицијата би загубила значителен број гласачи, а тоа значи нов мандат на власт за СДСМ и ДУИ, и нови години на нивно измачување и опозиционо талкање.

Затоа, не очекувам многу од новата влада. Зад нивниот повик за помирување, единство, стои план за нивна колективна амнестија без фактичка промена на состојбата која и меѓународно е оценета како хипер корупција и диктатура. Три европски судови пресудија дека прогоните на СЈО се политички мотивирани, а следи и пресуда од Стразбур.Тоа е тоа.

Толку од мене за помирувањето. А околу единството? Околу што да се обединиме? Излезете со јасен, на хартија ставен план и програма која треба да ги обедини Македонците, барем убедливото мнозинство од нив. Вака, нивното обединување на слепо е понуда сите колективно да станеме нивни членови и следбеници.

Новата влада има задачи кои, објективно, не може да ги реши: хипер корупција, злоупотреба на судство и обвинителство, контрола врз медиуми и социјални мрежи, клиентилизам со милионски хонорари за своте “невладини“ организации, новинари и т.н. експерти, разурнато здравство и образование, тензични меѓуетнички односи, пад на вработеноста, постојан скок на цени на јавните услуги и монополските ресурси како енергијата, водата, полициските казни… тесна врска и меѓузависност со подземјето, немање инвестиции, пакт со банкарите кои наплаќаат и дишење воздух на нивните шалтери и банкомати, еколошки хаос, нестабилен пензиски систем….

На анкетата на ИПСОС 63% немаат доверба во обвинителство и судство, а 64% сметаат дека власта не се бори против корупција. Вакво дно не сме имале никогаш порано.

И не се само овие проблеми. Секој од вас би додал барем уште пет-шест кон овој список. И ај сега, поштено кон себе, кажи дали новиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот тим, плус ДУИ како константа на хаосот, можат да го решаваат списокот?! Јас сум убеден дека ниту еден од наведените проблеми не можат. Секој проблем е врзан со друг.

Добивме шанса да создаваме Отворен Балкан, од два да добиеме пазар од 15 милиони луѓе… Но, нашиот претседател го посети Косово, и утредента одма изјави дека е – против Отворен Балкан. Не кажа ни зошто. Косоварите го убедиле дека треба де е против, а тој на нив и овдешните Албанци им должи претседателска функција. Пендаровски во 2020-та рече дека одбил и влез на Македонија во Европската економска зона. Тоа не било исто како да влеземе во ЕУ. Жити се, мора многу да мислел за да му текне ова.

Пендаровски е за изолација на државата од која би избегал да не е претседател. Така рече самиот тој. Тоа е таа македонска политика натиго-дајмиго.

Инаку, од проверени извори дознаваме, годинава паричката паднала кај Апелација



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.