Евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир прашан да дадe коментар за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека странските амбасадори се мешаат во внатрешните работи, рече дека премиерот Мицкоски покренал важни прашања во однос на потребата за реформа на владеењето на правото.

Ова е од суштинско значење за европскиот пат на земјата, и ние ќе продолжиме да се ангажираме со премиерот и со Владата за да ги разгледаме најдобрите начини за да се оди напред. Се надеваме на конструктивен дијалог, делиме исти цели, за да ја донесеме земјата во ЕУ колку што е можно побрзо, истакна Гир на НАТО работниот појадок во Клубот на пратеници во организација на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Гир го поздрави фактот дека новата влада продолжува со поддршката за НАТО, заложбите за продолжување на усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и континуираната поддршка за Украина.

Откако дел од амбасадорите изразија забелешки за најавата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, Мицкоски вчера изјави дека станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата и ако имаат подобри решенија дека ќе ги прифати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.