Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека на Maкедонија ѝ била неопходна стручна, независна и професионална јавна администрација. Без тоа, како што нагласи, нема раст и развој.

Не може да се каже, рече Гир, дека нема резултати во однос на реорганизацијата, но системот има и слабости кои се секако нотирани, а евидентно е и премногу силно партиско влијание во одредени делови од администрацијата.

Она што сакаме да видиме е зајакнување на администрацијата, да се осигураме дека има ексепртиза, независност и професионалност. Секогаш е тешко, има фискални притисоци, нема само една криза, туку низа кризи. Ние секогаш ја нагласуваме важноста на тоа да се осигури дека администрацијата може да ангажира, да задржи, промовира и унапреди лица кои ја имаат потребната стручност да се заврши работата. Тука се вклучени надоместоците, платите и тоа е важен елемент. Нема да коментирам за различните одлуки во однос на политиките што ќе ги донесе Владата во конкретни области, но како општ принцип, односно нашиот принцип е дека треба да имате стручна јавна служба способна да ги спроведе реформите, со помош. Без тоа не може земјата да се развива и да расте. Тука има неколку апсекти – финансирање, партиско влијание кое е премногу силно во одредени делови на администрацијата, но, потребно е да имате јавна, државна служба која може да испорача она што треба. Многу работа има да се зајакне јавната служба, истакна Гир, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за проектот за градење отчетни институции за управување со јавните финансии.

Според него, администрацијата треба да се прилагоди на актуелните потреби и да ги следи промените во светски рамки.

Има големи слабости во системот, тие се идентификувани во нашиот Извештај за земјата, но ние тесно соработуваме со државната служба во насока на градење на нејзиниот капацитет зашто без ефективна државна служба нема никаде да стигнеме. Затоа, тоа е и приоритет. И затоа, во пристапувањето има она што се нарекува основи – прашања кои се многу важни и мора да се оценуваат во секој момент од процесот, од почетокот до моментот на приклучување во ЕУ.  Не би кажал дека нема резултати. Она што го имате е систем што треба да се прилагоди на сегашните потреби, на светот што се менува и на процесот на пристапување во ЕУ за да може да ги ужива придобивките од членството во ЕУ и да биде отпорен во таа смисла. Ние сме ангажирани во долгорочен процес на поддршка во надградување на државната служба, а тоа вклучува и долгорочна дискусија. Сме обезбедиле експертиза на прашањето за реорганизација за да се осигури дека администрацијата е колку што е можно подобра, вклучително и практики од ЕУ. Ги следиме од многу блиску рефомрите во јавните администрации. Ова е есенцијално зашто се работи за спроведување на реформите, на значителната помош што ја обезбедуваме и на подготовката на земјата да управува со работи како што се структурните фондови, подвлече Гир.

Министерот за финанси Фатмир Бесими дополни дека бројот на администрацијата, особено последните две години, се намалува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.