Германските дипломатки, Сузане Шуц и Сабине Штер, за време на учество на панел дебата во Скопје изјавија дека во цивилизирана Европа во 21 век нема место за проблемите кои Бугарија ги отвора за македонскиот јазик и идентитет.
Шуц, која е директорка за земјите од Западен Балкан и Штер, директорка за европска политика во германското МНР, во Скопје пристигнаа од Софија и порачаа дека решение на македонско-бугарскиот спор мора да има, но во европски рамки.
Тука се работи за Евопа од 21 век. Прашањата дали зборувате македонски или бугарски или руски или украински, ова е едно прашање коешто не треба да биде дискурсот што го имаме кога зборуваме за демократски земји – изјави Шуц.
Германија не се откажува да работи на преговорите меѓу Скопје и Софија, но според официјален Берлин, на македонската политичка елита останува тежината да размисли и покаже до каде може да оди во компромисот со Бугарија. Германскиот став е дека не може да се дозволи идентитетските прашања да бидат вклучени во преговарачката рамка.
Вашата земја, владата и сите проевропски сили треба да донесат одлука до каде може да оди компромисот. Не верувам дека ќе се прави компромис на националниот идентит, меѓутоа може да има компромиси на другите работи во однос на чекорите на пристапување, колку другиот ќе попушти, колку другиот ќе прифати – изјави Штер.
Францускиот амбасадор, пак, Сирил Бомгартнер порача дека е свесен за големиот број критики поради промената на методологијата за проширување на која Париз инсистираше, но дека е направен вистински потег.
Уверен сум дека методологијата е вистинското решение. Точно е дека сега треба попрецизно да кажуваме како треба да функционира тоа, како се реализира, но едно е јасно, ако процесот не оди добро, нема вистински резултати на терен нема да има напредок – изјави Бомгартнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.