Во 2010 година, во бројот од 5 февруари, во бугарското списание “Култура“, германскиот историчар Штефан Требст објави пообемен текст посветен на Иван Ванчо Михајлов. Текстот беше насловен како „Ванчо Михајлов-терорист бирократ“ и досега е познат за стручните кругови во Македонија, но не и за пошироката јавност.

Со оглед на актуелноста и значењето во дадениот политички момент, текстот ќе го пренесеме во три продолженија.

Во центарот на Софија, во Борисовата градина во 1990 година беше подигната спомен-биста на маж на средна возраст во паравоена униформа. Станува збор за Иван Михајлов (1896-1990), лидер на терористичката Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) од 1928 до 1934 година, сојузник на Мусолини, Хитлер и на Усташката Независна хрватска држава. На Балканот тој е познат и како нарачател на многубројни политички убиства против македонски и бугарски дејци, па и на бугарски, како и на југословенски политичари, а заедно со Анте Павелиќ тој е автор на Марсејскиот атентат во 1934 година. Наспроти тоа, тој по 1945 година не само што не е судски прогонуван, туку дури и денес е непознат во Европа на ЕУ.

Неспорен факт е дека во Европа, во периодот меѓу двете светски војни, меѓу национално-револуционерните движења, кои имале за цел преразгледување на Версајскиот мировен договор, воено најспособна и затоа најопасна и ултимативно најефикасна е ВМРО. Нејзина краткорочна цел е присоединувањето на Вардарска Македонија, која од 1918 година е дел од Југославија, кон Бугарија, а подалечна-обединување на сите делови, што и припаѓаат наисториската територија на Македонија, во една Голема Македонија, чија престолнина ќе биде Солун. ВМРО се бори против новата југословенска држава од бугарска и албанска територија, откако секоја пролет преку нејзините граници преминуваат меѓу 1.000-2.000 униформирани четници.

По 1922 година, ВМРО формира држава во држава на територијата на југозападна Бугарија, во Петричкиот крај. Тоа се случува со согласност на властите во Софија, иако „чкрта со забите“. Таа држава во држава располага со самостојна даночна, полициска и сопствена фракција во бугарскиот парламент. Нејзиниот голем дипломатски апарат соработува со Турција и Унгарија, склучува сојузи со СССР и со Италија. Само Вајмарска Германија ја откажува соработката со ВМРО, иако и таму голем број политичари, дипломати, претприемачи, интелектуалци и новинари се големи симпатизери на организацијата.

Во 1927 година во раководството на ВМРО се појавуваат различни гледишта во однос на тактиката на организацијата. Интензивната партизанска борба е заменета со принципот на терористичка активност: кон прогласени југословенски лидери се насочуваат тројки или петорки од атентатори; спрема претставници на новиот европски повоен поредок се подготвуваат самоубиствени атентати, а против дисиденти во сопствените редови се изрекуваат смртни пресуди.

Во 1928 г. таа нова тактика води до остар внатрешен конфликт, кој ја дели организацијата на две крила, што започнуваат со масовни братоубиства. Движечка сила на тој нов развој во ВМРО е Иван Михајлов, познат уште и под псевдонимот „Радко Дејанов“. Во 1925 година, една година по убиството на харизматичниот лидер на ВМРО,Тодор Александров, Иван Михајлов влегува во тричлениот централен комитет на организацијата. Тодор Александров, кој е прогимназиски учител и бугарски офицер, во 1916 година награден со Железен крст од Вилхелм II, по Првата светска војна, заедно со бугарскиот генерал Александар Протогеров, ја реорганизираат организацијата создадена во 1893 година, која првично се бори за автономна Македонија под управа на султанот, давајќи и друга насока во делувањето-присоединување на Македонија кон Бугарија.

По смртоносниот заговор против Александров, Михајлов ја користи позицијата на човек од доверба-негов секретар, за да го наследи неговото место во Централниот комитет. Во 1928 година, Михајлов го нарачува убиството на својот колега и противник во ЦК, генрал Протогеров, по што во раководството на ВМРО поставува двајца од најблиските соработници-Страхил Развигоров и Иван Караџов и така практично ја презема контролата над организацијата. Приврзаниците на Протогеров под раководство на Перо Шанданов и Наум Томалевски пружаат жесток отпор. Тоа води до долгогодишна внатрешна братобиствена војна, која одземала стотици жртви меѓу активистите од двете завојувани крила. И до денес бугарските изрази „македонска работа“ или „да завршиш нешто по македонски“ значат да направиш нешто на посебно жесток и крвав начин.

Во 1929 година, Михајлов започнува стратешка промена во ВМРО-одалечување од целта за присоединување на Македонија кон Бугарија и поставување на нова задача-„слободна и независна Македонија“, која ќе ги обединува трите дела т.е. Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија како „втора бугарска држава на Балканот“. Во 1933 г. новиот курс на делување се претвора во доктрина на организацијата. Според Михајлов, нацијата на новоформираната држава, составена од „македонски Бугари“, може да се дефинира и како „бугаро-македонска“, зашто би била бугарска во етнокултурен и јазична смисла, и македонска-во регионална. Така, ВМРО си создава непријател во лицето на политичката елита во Бугарија, која до тој момент, во поголем дел, е позитивно расположен спрема организацијата. Како резултат на тоа, по 19 мај 1934 година, политичкит круг Звено и Воениот сојуз ја испраќаат бугарската армија против цитаделата на ВМРО во Петричко. Само за неколку дена структурите на организацијата се разбиени, лидерите и се интернирани, а во 1935 година на Михајлов му е изречена смртна пресуда.

Фатен во тесно, за разлика од останатите лидери во ВМРО, Михајлов успева неколку месеци да се крие во државата и во септември 1934 г. да избега во соседна Турција. Новиот лидер на Турција, роден во Македонија, Мустафа Кемал Ататурк, му дава на Михајлов политичко засолниште, веројатно со идејата да не може да се воспостави хегемонија на Балканот од страна на јужните Словени во форма на сојуз меѓу Југославија и Бугарија.

Непосредно по бегството на Михајлов во Турција, ВМРО успева да го нанесе својот најголем терористички удар-атентатот во Марсеј од 9 октомври 1934 година, во кој загинуваат југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Испраќањето на иксусниот атентатор на ВМРО, Владо Черноземски, е резултат на тесната соработка на Михајлов со хрватските усташи на Анте Павелиќ против Југославија. Павелиќ е иницијатор на планот за атентатот и тој реално ги оценува можностите на своите луѓе т.е. слаби и затоа и го моли Михајлов за помош. Откако нервите на тројцата хрватски атентатори на пристаништето во Марсеј нема да издржат, Черноземски успешно ја извршува задачата наложена од Михајлов. Имено, атентатот во Марсеј ќе го испровоцира Друштвото на народите да се обиде преку Женевската конвенција за спречување и казнување на тероризмот да ја мобилизира меѓународната јавност за противакција против организираниот тероризам и борбата против него да ја вклучи во меѓународното право.

Треба да се одбележи дека Михајлов, кој ги прекинал студиите по право во Софија, нема искуство во партизанската борба и никогаш не влегол во „внатрешноста“ на Македонија (оттука и „В“-то во името на организацијата), т.е. во бојното поле на самиот југ на Југославија. Тој се обидува да го надмине тој недостаток, кој негативно влијаел врз неговата позиција во организацијата целосно ориентирана кон култот на хероизмот и на мачеништвото, женејќи се со една популарна терористка на ВМРО. Во 1926 година тој склучува брак со Менча Карничева, која во 1924 година, по лична наредба на Михајлов, го извршува познатиот атентат против македонскиот политички деец во прогонство, Тодор Паница, во виенскиот Бургтеатар, за време на претставта „Пер Гинт“ од Ибзедн. Бргу по пресудата, австрискиот суд ја ослободува Карничева поради здравствени причини.

За време на четиригодишното прогонство во Турција, Михајлов и Карничева прво се интернирани во Северна Анадолија, а потоа на островот Бујук Ада во близина на Истанбул и безуспешно се обидуваат да добијат визи за САД. Таму, во рамки на Македонските политички организации во САД и Канада (МПО) со седиште во Форт Вејн, Индијана, ВМРО располага со густа мрежа од поддржувачи. Но, дури и Швајцарија, Романија и Велика Британија, како и бившиот сојузник на ВМРО-Италија на Мусолини не сакаат да ја примат терористичката двојка. Едвај во 1938 година Полска дозволува двајцата да влезат на нејзина територија, но под услов да се воздржат од секаков вид политичка дејност. Михајлов и сопругата добиваат визи на лична иницијатива на полскиот амбасадор во Софија, Адам Тарновски, кој уште за време на Првата светска војна бил дипломатски претставник на Австро-Унгарија во бугарската престолнина и одржува, тесни врски со ВМРО. Иако Варшава ги анулира визите поради бурни протести во Белград, турските власти го сместуваат семејството Михајлов на полскиот трговски брод „Левант“, кој бил закотвен во пристаништето во Измир. По долга одисеја низ Средоземното Море на 23 септември 1938 година бродот со своите непосакувани патници конечно пристигнува во Гдиња.

Извор: Пресинг ТВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.