Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија со голема загриженост го следи процесот на носење на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.
По тој повод, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан, преку видеообраќање побара поддршка за протестот пред Соборниот храм в четврток, на 29 јуни, против носењето на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.
Возљубени, секој од нас, но и сите заедно имаме света должност она што сме го примиле и наследиле од нашите предци, и како посебност и како сечовечко наследство и предание, да го продолжиме и да им го оставиме на поколенијата по нас. Со тоа не само што го чуваме минатото туку обезбедуваме и иднина како припадници и на својот народ и на општочовечката заедница. Бранејќи ги и чувајќи ги достоинствено тие придобивки ќе ги исполниме своите обврски и кон бога и кон својот род – рече поглаварот на МПЦ-ОА во видеообраќањето.
Покрај видеоповикот, објавени се плакати за протестот, на кои пишува: „Сенароден собир против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција“. Хаштагот на најавата за протестот, кој е дел од плакатот, гласи: „Имаме должност за спречиме менување на реалноста“.
Македонската православна црква-Охридска архиепископија првично го најави протестот веднаш по седницата на Синодот на МПЦ-ОА што се одржа на 20 јуни, а како мотив за протестот, како што беше наведено во соопштението по седницата на Синодот, се зачувување на достоинството и слободата и заштита на основните верски права.
Светиот синод на МПЦ-ОА изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорирале соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат 95 отсто од населението, и не ги прифатиле сугестиите во однос на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие закони, за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството, особено за неговата основна клетка – семејството – соопштија пред една недела од САС МПЦ-ОА.
Од Светиот синод велат дека будно ги следат случувањата и активните притисоци за носењето на овие закони и дека се доведени во ситуација да мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред сѐ децата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.