Посетата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен покажа дека Брисел го цени она што досега го направи владата на полето на евроинтеграциите. Доказ за тоа се парите што ќе ги добие Македонија oд планот на ЕУ за раст за Западаниот Балкан.

Сепак во однос на главната пречка за почнување на преговорите а тоа се уставните измени, Скопје и Брисел имаат различни гледишта.

Премиерот Мицкоски е согласен дека можеме веднаш да ја направиме промената на Уставот и да ги вметнеме Бугарите но примената да има одложено дејство, односно откако Бугарија ќе го ратификува договорот за членство во ЕУ.

Според Мицкоски, Македонија не смее да си дозволи повторно да биде понижена и дека ЕУ мора да гарантира дека по отворањето на преговорите да биде блокирана повторно со услов кој не е поврзан со поглавјата туку со прашања од историјата и минатото.

На вчерашната средба Фон дер Лајен не го коментираше предлогот на Мицкоски за уставни измени со одложено дејство туку само ги употреби познатите фрази дека „ќе бидат со нас и оти ја имаме нивната поддршка“.

Новинарот Христо Ивановски во својата колумна за Нова Македонија“ ја коментира посетата на високата претставничка на ЕУ дека таа донесе со себе „отровен чешел или отровно јаболко“.

Според Урсула, нејзината посета на Балканот значи дека нејзината ЕК му дава големо внимание на процесот на проширување, вратите остануваат отворени, а можно е некој да влезе во елитниот клуб во 2030 година.Таа покажува внимание за Балканот, европската црна дупка без која Европа не би била цела (така викаат од Брисел), ама никако да ја пополни таа дупка. Таман ќе дојде време, а дупката се проширила, сега отишла кон Молдавија, Грузија, Украина-коментира Ивановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.