Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието Александар Николоски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, вечерва ексклузивно објави скандал поврзан со безбедносниот систем на Македонија, односно како што рече тој фирма која што е во сопственост на синот на Миодраг Додик а е на црната листа на САД, добила тендер од Министерството за внатрешни работи за набавка на 1500 компјутери, нагласувајќи дека се плаши дека целокупниот безбедносен систем во МВР сега е на тацна на компанија која што е компромитирана.

– Од една страна устата им е полна НАТО, ЕУ, прозападна ориентација, а од друга страна си прават бизнис со луѓе кои што се контра тоа. Јавноста добро знае дека Додик е на црната листа на САД и добро знае дека Алтернативна ТВ која што е во доминантна сопственост на Поинтерес и на Инфинити кои што се директно поврзани со синот на Додик исто така се на црната листа на САД, вели Николоски.

– Министерството за внатрешни работи во јануари оваа година додели тендер од милион евра на компанијата Инфините која што е директно поврзана со синот на Милорад Додик и ни помалку ни повеќе за 1500 компјутери што значи дека компанија која што е имплицирана на црната листа сега го снабдува министерството за внатрешни работи со компјутери и на тој начин директно влегува во безбедносниот систем, објасни тој.

Николоски истакна дека оваа компанија откако е на црната листа на САД, има добиено дури три тендери во вредност од милион и 643 илјади евра во министерството за внатрешни работи, вториот е во министерството за финансии и третиот е во МАРнет кој што ја одржува цела интернет мрежа.

– Вкупно оваа компанија има добиено милион и 643 илјади евра од тендери од јавни набавки, а има добиено три тендери откако на црна листа е ставен Милорад Додик, едниот е во Министерството за внатрешни работи, вториот е во Министерството за финансии и третиот е во МАРнет кој што ја одржува цела интернет мрежа што значи дека директно може да се влезе таму. Значи од една страна зборуваат за прозападни вредности, а од друга страна си прават бизнис и го нарушуваат безбедносниот сектор на Македонија со компании кои што се директно поврзани со Милорад Додик, потенцираше тој.

Дали имало начин да се спречи тоа, Николоски вели дека МВР може да набавува и согласно таканаречениот член 7 тоа се класифицирани набавки каде што може да се прави селекција, второ да се наведе во тендерот дека набавувачот треба да е компанија која што е од земја членка на НАТО или ЕУ и трето МВР да се обрати до Агенцијата за разузнавање за да даде мислење за секоја компанија.

– Има начин, прво МВР може да набавува и согласно таканаречениот член 7 тоа се класифицирани набавки каде што може да се прави селекција. Второ доволно е доколку ние ги споделуваме вредностите на НАТО и ЕУ да ставите во тендерот дека набавувачот треба да е компанија која што е од земја членка на НАТО или ЕУ, на тој начин секако не е исклучена Македонија бидејќи е членка на НАТО Алијансата и го решавате проблемот, и трето Македонија има институции чија што работа е ова да го истражуваат, пред се тука мислам на Агенцијата за разузнавање каде што МВР може да се обрати и да побара мислење за секоја компанија која што учествува во тендер на МВР затоа што се работи за безбедносно чувствителен сектор, изјави Николоски.

– Се плашам дека целокупниот безбедносен систем во МВР преку 1500 компјутери сега е на тацна на компанија која што е компромитирана и која што е на црната листа. И тоа е нивната дволичност, заклучи Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.