Студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска го изразија незадоволството од условите за студирање со мирен протест пред Владата, барајќи соодветен простор за работа.

На протестот под мотото „ФИНКИ нема зграда – учиме пред Влада“, студентите поставија импровизирана училница со цел да привлечат внимание за нерешните просторни услови.

ФИНКИ е еден од најатрактивните факултети на УКИМ со повеќе од пет илјади студенти каде што со години владее огромен интерес за запишување, а нема свои простории.

Факултетот е основан пред 13 години и својата наставна дејност ја спроведува во просториите на четири факултети, три во техничкиот кампус, и на Педагошкиот факултет. Наставата на ФИНКИ се одвива од 8 до 21 часот.

Поддржан од неформалната организација „Студентска револуција“, протестот следува по серија на заклучоци донесени од управата на ФИНКИ на седницата одржана на 18 овој месец. Во заклучоците, факултетот побара од Владата да донесе одлука за времено или трајно користење на објектот на КП бр. 1856, КО Карпош, без надомест, и да го задолжи Министерството за образование и наука да обезбеди соодветен простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование во рок од три месеци. На ова денеска реагираа од Бирото за развој на образование, од каде што соопштија дека го поддржуваат Факултетот во залагањата да обезбеди соодветни услови за настава и трајно да го реши просторниот проблем, но, дека се против барањата на ФИНКИ за дислоцирање на БРО.

фото: МИА

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.