Министерот за правда Игор Филков денеска изјави дека потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“. Како што појасни, овие две барања се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.
Тој напомена дека за лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година, но тоа беше одбиено.
За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година, додаде Филков.
Како што посочи, на 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.
Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено. Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016. После шест години, повторно бараме нивна екстрадиција, рече Филков.
Министерот напомена дека не може да прејудицира сега што би можеле косовските власти да направат, за тоа ќе мора да се почека.
Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.
Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата непосредни извршители на убиствата кај Смилковско езеро. Тие се во Косово, по нив беа распишани потерници, но и покрај ветувањата од Приштина, досега не се екстрадирани во нашата држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.