Претседателот на Владата Република Македонија Димитар Ковачевски за време на работната посета на Брисел оствари средба со пратеници во Европскиот Парламент, членови на парламентарната група на социјал-демократите.

На средбата, на која присуствуваше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во фокусот на разговорот беше ситуацијата во Украина и целосната усогласеност на Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, во осудата на воената агресија во оваа земја, како и во однос на санкциите кон Руската Федерација.

Европратениците покажаа интерес и за предизвиците со кои се соочува Македонија во справувањето со последиците од војната кои предизвикаа економска и енергетска криза.

Антикризните мерки и политиките на Владата во однос на овие прашања беа препознаени како прогресивни и развојни, и како мерки кои го штитат стандардот на граѓаните.

Премиерот Ковачевски оствари средба и со претседателката на групата на социјалдемократските партии во Европскиот Парламент Ираче Гарсиа Перез, на која беше изразена и силната поддршка за нашите заложби за креирање суштински дијалог со Бугарија.

Таа заложба, беше оценето, е сведоштво за посветеноста на Македонија кон европските вредности и европската визија на земјата како единствен начин кој ќе донесе достоинствено решение во интерес на граѓаните на двете држави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.