Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар вели дека не дошол во државава за да му кажува на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски што да прави или да му диктира услови, но дека сака јасно да стави до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа.

Не дојдов овде за да им кажам на луѓето како да гласаат. Не дојдов овде за да им кажам на луѓето како да ја формираат владата. Не им го правиме тоа на нашите НАТО-сојузници. Тоа што го правиме е – поставуваме очекувања. Од една страна, му го пренесов истото ниво на ентузијазам што сакам да им го пренесам и на граѓаните на Македонија, а тоа е дека иднината на Јужна Европа е во Европската Унија. Тоа е иднина во која овој регион ќе придонесува значително во растот на Европа и со тоа ќе придонесе и во нашата економија. Па, во таа смисла, има огромни можности за Македонија да се приклучи кон ЕУ, вели Ескобар во интервју за „360 степени“.

Станува збор, дополнува Ескобар, за најголемиот трговски блок во светот и најголемиот трговски партнер на Америка.

-Четири милијарди долари дневно го минуваат Атлантскиот океан и сакаме вие да бидете дел од тоа. Тоа е тој ентузијазам, за придонесот што Македонија може да го даде во Европа, што сакав да го пренесам на сите мои состаноци. Во врска со лидерот на опозицијата, она што, исто така, сакам да го додадам, е дека не дојдов тука за да му кажам што да прави и не дојдов тука да му диктирам услови. Но, сакав да ставам јасно до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата. Тоа е нашето очекување. Тоа што се случува во моментов, со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Македонија кон Европската Унија, е дел од тој процес. Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат. Затоа што ќе ни биде од корист и нам, посочува Ескобар.

Тој вели дека не е на САД да одредат дали брзи избори се решение, туку на граѓаните, а се надева дека тие „ја разбираат огромната можност која е пред нив и дека треба да ја искористат“.

Не е работа на САД да го одредат тоа. Тоа треба да го одредат граѓаните на Македонија. Се надевам дека граѓаните ја разбираат огромната можност која е пред нив и дека треба да ја искористат. Се надевам и дека ќе испратат сигнал до лидерите на Македонија дека го сакаат тоа и дека го сакаат тоа брзо, дека го сакаат сега, за да можеме да почнеме да ја градиме таа струкутра за Македонија да биде целосно и формално дел од секоја евроатлатнска структура. Затоа што ние таму ве посакуваме, вели Ескобар.

Во однос на тоа дали гледа закани по посебноста на македонскиот јазик и идентитет, со оглед на ставот на опозицијата за бугарска уцена, предавство од страна на Владата, загрозен македонски идентитет и барањето дополнителни гаранции, американскиот дипломат со став дека тоа никогаш не било ставено под знак прашање и оти сме го додадече македонскиит јазик кон семејството на прифатени јазици во Европската унија.

Не. Мислам, тоа е факт. Го почитуваме македонскиот јазик, идентитет и култура, посебноста во Европа. Тоа никогаш не било ставено под знак прашање. Всушност, мислам дека, после ова, вие го додавате (јазикот и идентитетот н.з.) кон Европа. Го додавате македонскиот јазик кон семејството на јазици кои се прифатени и официјални во Европската Унија, наведува Ескобар.

Тој верува во она што неодамна во Дубровник го слушнал од новата бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел. Таа, посочува, ме увери дека ако Македонија го исполни тоа што е предвидено во сегашниот договор, нема да има нови услови.

Ескобар во интервјуто оценува и дека за целиот регион, корупцијата е огромен проблем. Среќен е што гледа дека пристапниот процес му дава централно место на владеењето на правото како услов за влез во ЕУ.

Има уште една причина зошто сакаме да го видиме отворен европскиот пат за сите земји. Секоја земја што влегла во ЕУ е постабилна, подемократска и понапредна, а во исто време и поправична во смисла на правда за своите граѓани. Тоа е уште една причина поради која сакаме да ве видиме на патот кон членство во ЕУ, порачува Ескобар.

Според него, можеби наскоро ќе има нови имиња на т.н „црна листа“. – Дозволете ми само да кажам дека оваа администрација, администрацијата на Бајден, е посветена на борбата против корупцијата. Бидејќи корупцијата толку ги нагризува општествата. Не можеме да дадеме најава на санкции, но бидете сигурни дека ќе ги има, вели Ескобар, кој во тек на дводневната посета на земјава, покрај со Мицкоски имаше средба и со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.