Бугарија нема да даде нови услови за целосна интеграција на Македонија во Европската унија, уверува заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Тој во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Македонија на патот кон ЕУ и нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.
Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес, вели Ескобар во интервјуто.
На прашањето на Гласот на Америка – Значи нема да има ново вето ако другите услови се исполнат? Ескобар рече „Јас тоа така го протолкував“.
На прашањето дали САД се загрижени ако уставните измени бидат изгласани на сметка на поткопување на владеење на правото и правдата, со оглед на тоа што некои медиумски извештаи сугерираа оти намалувањето на затворските казни за функционерите било направено со цел да се обезбедат гласови за уставните измени, Ескобар рече дека нема да шпекулира за тоа што се случува на внатрешен план.
Тоа е на луѓето на Македонија да го одлучат. Сакам да бидам многу јасен дека нашиот став е дека секоја земја што влегува во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна, поради посветеноста на вредностите и посветеноста на владеењето на правото. А оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат, тие треба да бидат целта кон која се стреми Македонија, а не за домашна политичка добивка на која било од страните. Ние ќе продолжиме да стоиме покрај оние луѓе кои сакаат реформи и кои сакаат да ги исполнат европските барања, посочи Ескобар.
Според него, предизвиците со владеење на правото и корупцијата се веројатно најголемиот проблем на Западен Балкан.
Затоа, ние постојано ги охрабруваме владите да направат повеќе за да поттикнат исполнување на реформите и ги охрабруваме лидерите и во парламентите, и во владите, да покажат конкретни резултати во борбата против корупцијата и зајакнување на институциите, кои се основата на владеење на правото, рече Ескобар.
Истакна дека санкциите на САД против корумпираните актери се многу ефективни и може да се очекуваат повеќе.
На прашањето дали САД имаат партнери во земјава за заедничка борба против корупцијата, со оглед на тоа што лица што се на црна листа на САД дома добија намалени казни и рокови за застарување на кривични дела, рече дека санкциите се исклучително ефикасни.
Санкциите се исклучително ефикасни, поради што сите се плашат од нив и затоа се важна алатка за американската влада во помагањето во борбата против корупцијата. Значи, со или без партнери во регионот, санкциите ќе продолжат и тие ќе направат разлика. Можам да ви кажам дека во целиот регион имаме партнери кои се подготвени да работат со нас за да ги унапредиме целите за борбата против корупцијата и подобрување на примената на владеењето на правото, истакна Ескобар.
Тој додаде дека Македонија и остатокот од регионот „знаат дека таа борба против корупцијата, тоа зацврстување на владеење на правото треба да продолжи.
Мислам дека во некои земји движењето е премногу бавно. Но, ние сакаме да соработуваме со тие земји за да го подобриме. И тоа ја вклучува и Македонија. Мораме да бидеме многу јасни дека ова е проблем што го засега целиот регион, а не само една или две земји, посочи Ескобар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.