Македонија е умерено подготвена во сферата на слободата на изразувањето и генерално бележи лимитиран прогрес во однос на претходните препораки на Европската комисија. Генерално има поволна клима за слободата на медиумите и овозможено е критичко медиумско известување, иако беа забележани одредени тензии за време на минатогодишните локални избори. Економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права.

Ова е оценката, која ја нотираше Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите.

Предизвик и натаму остануваат работничките и социјалните права на новинарите и медиумските работници. Нивните права ги застапува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а новинарите во јавниот радиодифузен сервис и државната агенција МИА се организирани во посебни синдикати. ЕК нотира дека е потребно подобрување на дијалогот на синдикатите со Владата, со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина работно време, без социјално и здравствено осигурување.

Приходите на повеќето медиумски работници се пониски од просечната плата во државата. Често пати се занемаруваат и работничките права, како што е правото на годишен одмор, плаќање на прекувремени часови, ноќни смени или други законски додатоци.

На голем број медиуми им недостига етички кодекс, како и можност за професионално и стручно надградување и кариерен напредок.

Во Извештајот се забележува дека немањето сигурно вработување и тешките социо-економски услови придонесуваат за раст на самоцензурата и овозможува сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика.

Потребни се натамошни напори за заштита на професионалните и работничките права, на слободата и безбедноста на новинарите, препорача ЕК и напомена дека се потребни дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост во медиумската индустрија.

Во Извештајот се нагласува и дека слободата на изразување и плуралистичките гледишта продолжиле да напредуваат во генерално поволниот целокупен политички контекст. И покрај ова, медиумските реформи заглавија поради недостиг на политички консензус и промена на фокусот поради пандемијата на Ковид-19.

Властите, според препораките на ЕК, треба да ги зголемат нивните напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, да ја обезбедат неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Забележано е дека реформскиот процес на јавниот радиодифузен сервис, во рамки на петгодишната развојна стратегија, е ограничен поради одложувањето на назначување на членови на неговиот Програмски совет, а забелешка е и непополнувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во сила остануваат минатогодишните препораки, а во годината што претстои земјата треба да ја ревидира законската рамка за медиумите согласно Акито на ЕУ и европските стандарди, особено со продолжување на работата за усогласување на националните закони со ревидираната Европска директива за аудиовизуелните медиумски сервиси, нагласува ЕК во Извештајот.

ЕК нотира и дека Владата продолжила да го намалува финансирањето на медиумскиот регулаторот, јавниот радиодифузен сервис и јавното претпријатие за радиодифузија со користење на одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Парламентот, исто така, го одложи именувањето на новите членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на АВМУ, со што покажа отсуството на политички консензус за медиумските реформи, се забележува во Извештајот.

Не се исполнети одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се утврдува износот на јавното финансирање на јавниот радиодифузен сервис да изнесува еден отсто од државниот буџет во 2021 година. Финансирањето, забележува ЕК, достигнало 0,59 отсто во јули 2022 година. Вкупниот буџет на јавниот сервис во 2021 година изнесувал 13,4 милиони евра, додека во 2022 година изнесува 15 милиони евра.

Финансирањето на јавниот радиодифузен сервис бележи постојан пад во последните неколку години. Континуираното намалување на финансирањето го попречува спроведувањето на стратегијата за развој, создавајќи несигурност во процесите на планирање и влијае на севкупниот квалитет на програмата, забележува ЕК.

Осврнувајќи се на економските фактори во работењето на медиумите, Еврокомисијата потенцира дека ковид пандемијата го влоши веќе постоечкиот тренд на намалување на приходите, поради што Владата донела мерки за помош на медиумите.

Медиумските здруженија, нагласува ЕК, продолжуваат да ја изразуваат својата загриженост за интегритетот на медиумите и нивната независност поради несигурната финансиска состојба.

Потребни се дополнителни чекори за поддршка на професионално и истражувачко новинарство, мора да се направат напори за да се заштити независноста на медиумите од политичките упади. Рекламирање од страна на Владата на комерцијални канали е забрането, нагласува ЕК.

Комисијата ја укажа потребата од поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна политичките партии и потсетува дека во септември 2021 година Собранието усвои измени на Изборниот законик, кои се однесуваа на медиумите и политичкото рекламирање. Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори препорача дека треба да се преиспита регулирањето на платеното политичко рекламирање, со цел да се овозможи непречен пристап до медиумите базиран на разумни и објективни критериуми.

Според ЕК, праксата на обезбедување платено политичко рекламирање кај радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите и натаму предизвикува загриженост кај медиумските здруженија, поради ризикот од политичко влијание врз независноста на медиумите.

Погодени од опаѓачкиот медиумски пазар и пандемијата, некои медиуми активно лобираа за отстранување на забраната за владино рекламирање во приватните медиуми, со цел да ги зголемат своите приходи. Сепак, медиумските здруженијата ја критикуваа можноста за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми услуги, со која би се овозможило рекламирање на јавните институции во медиумите, истакнувајќи го ризикот од поткопување на независноста на медиумите и нарушување на медиумскиот пазар, нагласува ЕК.

Во Извештајот се напоменува и дека медиумските здруженија продолжиле да ја изразуваат својата загриженост за евентуалната измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што би овозможило државно финансирање на кампањи од јавен интерес. Се споменува и загриженоста на еснафските здруженија во однос на државното финансирање на политичките партии, кои го користат за рекламирање во медиумите, што се смета за потенцијална опасност за влијание врз уредувачката политика.

Иако случаите на физичко и вербално насилство кон новинарите се намалени, забележано е зголемување на онлајн заканите кон новинарите и медиумските работници.

Во Извештајот се наведува дека во 2021 година Министерството за внатрешни работи регистрирало осум случаи на напади врз новинари, споредбено со десет случаи во 2020 година. Кривични пријави се поднесени во три случаи (за дело извршено за време на протест, за повреда на авторски и сродни права и за онлајн закана). Истрагите за останатите пет случаи се во тек. Здружението на новинарите на Македонија регистрираше пет напади, три од нив врз новинарки. За време на локалните избори во 2021 година се зголеми бројот на инциденти во кои беа вклучени новинари, што беше осудено од АВМУ и ЗНМ.

Постоечките закони и заложбите за почитување на меѓународните стандарди обезбедуваат соодветен механизам за силите на редот и обвинителството за изведување на сторителите пред лицето на правдата. Натамошни активности се потребни за да се обезбеди непристрасна, брза и ефикасна истрага, нотира ЕК и додава дека политичарите од сите нивоа и носителите на јавни функции треба постојано да покажуваат пример на високи стандарди за почитување на слободата на медиумите во нивната интеракција со новинарите.

ЕК забележува дека онлајн вознемирувањето и вербалните напади кон новинари, особено на социјалните медиуми, продолжуваат да растат. Нагласува и дека старите случаи на физички напади врз новинар останаа нерешени.

Во Извештајот ЕК се осврнува и на говорот на омраза, кој е забранет во сите медиуми и напоменува дека во декември 2021 година, онлајн закана кон новинари објавена на социјални медиумите беше санкционирана од судските власти.

Се споменува и дека лани Советот за етика во медиуми добил 109 претставки за нарушување на етичките стандарди, од кои 90 отсто се поврзани со онлајн случаи, а исто така регистрирал и нарушување на Кодексот на новинари во 48 случаи. Советот пријави и зголемување на притисокот врз неговата работа од политичките и економските актери, но исто така и од претставници на медиумите.

Во 2021 година, се наведува во Извештајот, ЗНМ пријавило намалување на судските предмети за навреда и клевета во кои се вклучени новинари, од 30 случаи во 2020 година на околу 20. Во 2021 година се донесени вкупно 81 судска пресуда во врска со член 10 од Европската конвенција за човекови права (во 2020 имало 57, а во 2019 – 99).

ЕК повторно прави осврт за работата на онлајн медиумите, чија дејност не е регулирана со конкретен закон, а во општеството има различни ставови за тоа дали постои потреба од регулатива, особено имајќи ги предвид растечките закани од дезинформации.

Еврокомисијата нотира дека порталите и социјалните медиуми се главен извор на дезинформации, говор на омраза и најчести прекршители на професионалните новинарски стандарди и на авторските права.

Потребни се кампањи за да се зајакне свеста на сите засегнати и на пошироката јавност и да се зголеми нивната отпорност на дезинформации, нагласува ЕК и додава дека медиумските здруженија продолжиле да го промовираат воспоставениот регистар на онлајн медиуми со цел да се зголеми професионалноста и стандардите на онлајн новинарството.

АВМУ, нотира ЕК, продолжува да биде проактивна во промоција на медиумската писменост, родовата еднаквост во медиумските програми, како и во осудата на притисокот и заканите врз новинарите и медиумите.

Во октомври минатата година, потсетува Комисијата, Владата усвои Национална стратегија и Акциски план за градење национална отпорност и справување со хибридни закани (2021-2025). Овие документи вклучуваат широк спектар на активности, кои ги адресираат предизвиците кои се однесуваат на дезинформациите и хибридните закани. Аудио визуелниот сектор, додава ЕК, продолжува да има бенефит од учеството на земјата во медиумската програма Креативна Европа во рамки на пет проекти поддржани за периодот 2020-2021.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.