Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

Во честитката, Џафери порачува дека сите постојано треба да се бориме за почитување на работничкиот труд и работничките права, но се осврнува и на протестот на просветните работници, изразувајќи надеж дека набрзо ќе се постигне договор за нивните примања зашто децата, како што потенцира, не смеат да трпат.

Дозволете од име на пратениците во Собранието на Република Македонија и од мое лично име да упатам честитки по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, денот на работниците кои претставуваат огромна заедница со чиј труд, придонес и посветеност сме тоа што сме или пак, без кои никогаш не би биле тоа што сме. Секој момент, секој атом енергија што го трошат за да обезбедат нормално функционирање на нашето секојдневие, за да има леб на трпезата, за да имаме покрив над главата, за да се образуваат и лекуваат нашите деца, нашите граѓани, треба да не потсети дека не само денес, туку секој ден, секој час треба да се бориме сите за почитување на работничкиот труд и работничките права, за обезбедување на пристојни работни услови, за заштита на работните места и постојано креирање на нови, за достоинствена плата и еднакво вреднување на работата на секој работник или работничка, без дискриминација, стои во честитката од Џафери.

Претседателот на Собранието потсети дека деновиве бевме сведоци на штрајк заради, како што наведува, усогласување на примањата на просветните работници. Џафери изразува жалење што во оваа ситуација, како што наведува, „колатерална штета сепак се нашите најмали и најмили, во сите фази од образовниот процес, кои, ако се земат предвид вонредните услови наметнати од повеќегодишната пандемиска криза, и онака претрпеа огромни загуби и имаат празнини во тој образовен процес, трае предолго и не се наоѓа заеднички јазик и разбирање“.

Се надевам дека со обострана искрена намера и волја набрзо ќе се постигне договор и ќе се продолжи онаму каде што се застана. Децата не смеат да трпат, тие се нашата иднина, иднина на нашата држава. Градењето на рамноправна заедница која се грижи за доброто на сите свои граѓани и ја стимулира желбата за личен и колективен придонес е одговорност и водилка за сите нас, за менување кон подобро за сите нас. Честит 1 Мај, бидете живи, здрави и рамноправни!, се посочува во честитката од претседателот на Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.