Во Собранието е објавена пауза на 71. седница до 14.30 часот, а на барање на координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците Илире Даути. Барајќи пауза на седницата на која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваа транспаренти со што ја стартуваа најавената активна блокада на законодавниот дом, Даути рече дека се гази демократијата, а претседателот на Парламентот Талат Џафери не знае како да се однесува со пратениците. Апелираше да се следат точките кои се на дневен ред.

Според пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Јован Митрески, сликата со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспарентите околу собраниската говорница, како што рече, е вистинската слика за единствената опозиција во светот која блокира Собрание во светска економска и енергетска криза. Истакна дека блокадите на важни закони не се национален спас како што лаже ВМРО-ДПМНЕ.

Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој, не може да е за спас на енергетиката, а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Е ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас, посочи Митрески.

Митрески истакна дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сака избори треба да обезбеди 61 пратеник за распуштање на Собранието но тоа не може да го направи па затоа се обидува да ја блокира работата на Парламентот.

На седницата пратениците од СДСМ ги изнесуваа своите ставови и уверуваа дека ја зборуваат вистината, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано ги покажуваа транспарентите. Тоа се случуваше и додека претставниците на Владата ги образложуваа законите од своите ресори.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги опоменуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не е нивна задача да ги бројат присутните пратеници или да ги фотографираат.

Собранието во рамки на 71.седница не го усвои предлогот на група пратеници од опозицијата по итна постапка да се донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Со 56 гласа „за“ беше предложено да бидат на дневен ред измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај и за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка.

На дневен ред на денешната седница се повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната. Пред пратениците се и неколку предлог-одлуки, како и годишни извештаи за работата на државни агенции, комисии, МРТ и Судскиот совет. Ќе се разгледува и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.