Претседателот на Собранието, Талат Џафери, им се врати на работните обврски откако беше заминат на службено патување во странство, па денеска од него се очекува да соопшти дали иницијативата за референдум поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е уредна.

Очекувањата се собранискиот спикер денеска, најдоцна до полноќ, да ја разгледа и да се произнесе за иницијативата за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија, иако, засега, собраниските служби информираат дека немаат никаква информација од Џафери во врска со иницијативата.

– Почитувани, сѐ уште немаме информација од страна на претседателот во врска со иницијативата. Штом ќе добијам информација, веднаш ве известувам – велат од Кабинетот на Талат Џафери.

Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна пленарна седница.

Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, а и опозициската ВМРО-ДПМНЕ јасно го посочи прстот кон владејачките партии за кои вели дека ќе ја кочат работата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.