Со задоцнување од околу половина час вечерва во Собранието продолжи 75. седница со две точки на дневниот ред, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2022 година и Предлог на закон за дополнување на Законот за работните односи, двата по скратена постапка, но набрзо претседателот Собранието Талат Џафери ја прекина.
Џафери информираше дека нема услови за разгледување на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2022 година зошто сѐ уште не е поминат на соодветната комисија.
Предлог-законот за дополнување на Законот за работните односи се однесува во делот на престанок на договорот за вработување, со предвидување на исклучок за судиите и јавните обвинители и предвидување одредби за продолжување на нивниот мандат. Временската важност на овие одредби, се предлага да трае најмногу до три години сѐ со цел да се постигне пополнетост на местата во судовите и јавните обвинителства.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски имаше процедурална забелешка. Тој обвини за, како што рече, нов преседан и скандал на власта бидејќи првпат во историјата на Парламентот се закажува седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања и укажа дека седницата доцнела повеќе од 30-тина минути.
Според него, власта и претседателот на Собранието Џафери прават ново насилие во Собранието, праша зошто им се брза со законот и укажа дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители.
Пратеникот Димитар Апасиев рече дека Левица ќе гласа против овој закон, бидејќи е „контроверзен закон кој се обидува да се донесе на шверцерски и на силеџиски начин“. Тој кажа дека за тоа предупредил пред неколку дена и потоа следеле немилите сцени. Апасиев вели дека е фалсификувана коресподентната табела која им е приложена на пратениците и најави дека за тоа ќе поднесат кривична пријава. Како што рече, се оди кон тоа да се избегне двотретинското мнозинство и да се прошверцува овој закон, а фалсификувани се и извештаите потпишани од Комисијата за европски прашања, каде настанаа тепачките.
„Судиите со нивниот траен мандат се покажаа како рак рана на ова општество и ни треба драстичен ресет на судството по југословенски критериум, а тоа значи дека судиите не треба да имаат траен мандат и затоа треба да се смени Уставот за тоа да го смениме. Откако ќе се изгласа овој закон ќе може да го оспориме на Уставен суд, а сите овие преседани еден ден ќе ви се удрат од глава“, рече Апасиев.
Претседателот на Собранието, Џафери се повика на Деловникот на Собранието и на почитување на законите, ја прекина седницата и рече дека за нејзиното продолжување пратениците ќе бидат дополнително информирани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.