На покана на претседателот на Собранието на Украина, Руслан Стефанчук, претседателот македонското Собрание Талат Џафери, е во посета на Украина каде што допатува со воз преку Полска во раните утрински часови. Истовремено, во посета на Украина денес се и претседателите на Парламентите на Романија и Швајцарската Конфедерација. Џафери ги посети градот Ирипин и пистата на Хостомел кои се разурнати од воените дејствија, по што заедно со другите претседатели на Парламенти дадоа заеднички изјава, пренесуваат репортерите на ТВ21, кои го придружуваат.
Секако особено ми е задоволство и ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на нашите граѓани за народот на Украина и институциите на Украина. На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде. Јас оттука можам да порачам дека лично ќе се залагам институциите и граѓаните од РСМ да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската унија и меѓународната заедница. Секако, лично ќе се залагам овие слики да го добијат правото име што им следува, а тоа е геноцид и ништо друго, рече Џафери.
Оваа посета на претседателот Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и од Македонија. Во рамките на посетата Претседателот Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.