Разговорите со Бугарија се водат со искрена волја за решавање на билатералните прашања и се надеваме на придвижување во евроинтегацискиот процес, но неуспехот од добивање датум за отпочнување на преговорите ќе биде неуспех и за Европската Унија, порача претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска на средбата со Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни работи на Република Хрватска, кој е во дводневна официјална посета на земјава.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, посакувајќи му добредојде на високиот претставник на државата со која не врзуваат пријателство и традиционално добри политички, економски и културни врски, Џафери изрази благодарност за безрезервната поддршка на Република Хрватска за европската интеграција на државите од Западен Балкан.
Тој информираше дека во време кога континентот се соочува со предизвици, Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ постигна целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на Унијата во однос на санкциите кон Русија поради инвазијата на Украина.
Во однос на евроинтеграцискиот процес истакна дека разговорите со Бугарија од наша страна се водат со искрена волја за доближување, за соработка и градење доверба во решавањето на билатералните прашања, и во таа насока се надеваме на придвижување, но дека неуспехот од добивање датум за отпочнување на преговорите ќе биде неуспех и за Европската Унија. Во однос на билатералната соработка со Хрватскиот Сабор, Џафери нагласи дека Собранието, во сите мандати досега формира пратеничка група за соработка со Хрватскиот парламент со што ја покажува спремноста и посветеноста да оствари поблиска меѓупарламентарна соработка и на тој начин да придонесе за понатамошно зајакнување на постојните пријателски врски помеѓу двете држави и народи, се посочува во соопштението.
Министерот Радман, пак, се осврна на евроинтеграциите и истакна дека во интерес на Унијата е да започнат преговорите со Македонија и со Република Албанија и дека тоа ќе има големо позитивно влијание во целиот регион. Изрази жалење што на тоа се чека толку долго. Тој ја повтори поддршката на Република Хрватска за проширувањето и потсети на заложбите во таа насока за време на хрватското претседателство со ЕУ, а го пофали и високиот степен на усогласеност на домашното законодавство со она на ЕУ.
Радман, се додава, информираше и за спремноста на Република Хрватска за приклучувањето кон еврозоната и воведувањето на еврото на почетокот на следната година.
Соговорниците разменија мислења и за Берлинскиот процес и за иницијативата „Отворен Балкан“ како заложби за дополнително зајакнување на регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и стоки, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.