Две години откако во Македонија беше регистриран првиот случај на Ковид-19, вкупниот број на Ковид-дијагностицирани во земјава е 296.229 лица. Битката со вирусот ја изгубија 8.981, а бројот на активни случаи изнесува 4.644.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во минатите 24 часа регистрирани се 517 нови случаи од направени 2.669 тестови. Починати се девет лица, а оздравени се 1.022 пациенти.

Од новозаболните, 261 се во Скопје, 31 во Битола, 24 во Кавадарци, а по 22 има во Прилеп и Велес. Во Куманово се регистрирани 18 нови случаи, во Тетово – 16, Кичево – 14, Гостивар и Штип – по 13, Охрид – 12, Крива Паланка – 11, Струмица – 10, Струга и Неготино – по 8, Кочани, Гевгелија, Свети Николе и Ресен – по 5, Дебар и Демир Хисар – по 4, Радовиш, Делчево, Валандово, Богданци, Кратово и Демир Капија – по 1.

Општина Дојран прва испиша нула во графата на заразени лица од 35-те општини за кои во земјава се води дневна евиденција за корона статусот, со што Дојран моментално е единствената општина во која нема веќе активни пациенти на корона вирусот во актуелниот бран, во кој доминантен е омикрон сојот.

Според последниот извештај од ИЈЗ, досега во општина Дојран, според евиденцијата во време на пандемијата, активни на корона вирусот биле вкупно 256 лица, од кои 248 оздравеле, а осум починале како резултат на коморбидитети и компликации кои настанале од вирусот.

Во меѓувреме, во тек е скринингот за имунитетот на граѓаните во Скопје и во другите градови, а продолжува и скринингот во училиштата.

Според информациите од Министерството за здравство до крајот на неделава се очекуваат првични податоци за серопреваленца во Скопје, а од следната недела и за другите градови од државата.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека дополнително, по обработка на податоците, јавноста навремено ќе биде информирана за наодите, како и за останатите аспекти од текот на скринингот.

Деновиве, исто така се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести.

Мерките се однесуваат за укинување на ПЦР тестовите, потврдата за прележаност или потврдата за вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Во врска со првата мерка која се однесува на укинувањето на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата, портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ информираше оти тоа не значи дека во земјите каде се бара ПЦР тест или Ковид-сертификат, нема да се бараат, туку дека мерката се укинува при излез од земјава на нашите гранични премини.

Во однос на укинувањето на ослободувањето од работа за бремените жени, Мехмедовиќ појасни дека предлог е оваа мерка да се укине согласно препораките од релевантна институција и од примерите од светот во кои се препорачува жените кои планираат бременост или се бремени да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат своето здравје.

Министерот за здравство Беким Сали најавува дека од следната недела и преку матичните лекари ќе се испраќаат покани до ризичните групи на граѓани со цел тие да се вакцинираат.

Моментално како најризична група ги гледаме граѓаните над 70 години, како и оние под 70 години со коморбилитети. Затоа од следната недела преку матичните лекари ќе испраќаме покани за вакцинација на оние граѓани кои се во потенцијален ризик – изјави Сали за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Тој се надева дека овие покани ќе резултираат со голем одѕив за вакцинација против Ковид-19.

Како Министерство уште од самиот почеток водиме полиберална форма на политика против ковид кризата, затоа што сметаме дека секој поединец има право да одлучи дали ќе се вакцинира или не. Иако сметаме дека во некои околности би требало да инсистираме на вакцинација. Не велам тоа да биде рестриктивно, задолжително, меѓутоа треба да инсистираме – порача Сали, додавајќи дека засега вакцинацијата е единствениот начин на заштита и дека штити од потешка форма на болеста.

Во однос на рестриктивните мерки, тој рече дека засега остануваат сертификатите како задолжителна обврска во моловите и угостителските објекти затоа што процентот на имунизација во земјава е се уште низок за да може да се размислува за вакви олеснувања.

Во светот во изминативе седум дена се забележува опаѓање на бројот на заразени од Ковид-19. Глобално за 16 проценти е помал бројот на заразени, а за осум отсто е намален бројот на починати. Во Европа, пак, во последната седмица се регистрирани за 21 процент помалку нови ковид-случаи, а за шест отсто помалку починати.

Од почетокот на пандемијата од Ковид-19 во светот вкупно се заразени 431 милион лица, а починале речиси шест милиони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.