Нови двајца македонски државјани загинале во Украина, со што бројот на загинати платеници од Македонија, како што ги нарекува Кремљ, се искачи на 26, стои во статистиката објавена од руското министерство за одбрана.

Според табелата објавена од официјална Москва, од 24 февруари до сега, во Украина за борба пристигнале 79 државјани на Македонија, од кои дваесетина се вратиле, а во моментот на боиштата во Украина има 32 платеници од земјава. Според руските податоци, елиминирани биле една третина од македонските платеници. Официјалните претставници на Украина пак, досега немаат објавено вакви податоци.

Од македонското министерство за надворешни работи за „Канал 5“ велат дека не располагаат со релевантни информации поврзани со евентуалното учество на наши државјанини во војната во Украина, ниту, пак, за загинати наши државјани во војната.

Русија тврди дека во последните четири недели бројот на платеници се намалил за 550, па сега околу 2.000 борци од странство се вклучени во борбите во Украина. Од Москва велат дека иако се уште пристигнуваат борци на страната на Украина, таа бројка не била доволна за компензација на бројот на убиените и заминати од боиштата. Од украинска страна, пак, податоци за ова нема.

Инаку, според македонските закони, за војување во странска војска казната е неколку години затвор, а за слични дела, односно учество на боиштата во Ирак и Сирија, десетина лица се зад решетки и ја издржуваат затворската казна.

Според неофицијални информации, за војување или за извлекување на цивили како што официјално се нарекува работното место, пријавените во Украина добивале плата од илјада до две илјади долари на ден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.