Министерот за здравство и еден од лидерите на ВЛЕН, албанската коалиција во Владата на Македонија, Арбен Таравари, реагираше по инцидентот со косовската претседателката Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
Според Таравари, ДУИ, партијата на чело со Али Ахмети, манипулира за да го оштети ВЛЕН, а МВР, како што вели, нема надлежност за аеродромското обезбедување. Тој во реакцијата што ја објави на Фејсбук наведува дека во аеродромското обезбедување има надлежност компанијата ТАВ, а не МВР.
„Како ВЛЕН, ја изразуваме нашата загриженост дека една политичка партија во Македонија, поточно ДУИ, користи лаги и манипулации во обид да му наштети само на ВЛЕН, без да се грижи за последиците што може да ги донесе на Косово. Ја повикуваме јавноста да ги следи фактите, а не пропагандата на ДУИ.
Фактите се како што следува:
1 – МВР и државата немаат надлежност околу безбедноста на аеродромот, но тоа е надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ.
2 – Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот
3 – Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери, зошто ДУИ не зборува за ова? И ги повикуваме ДУИ да одговорат дали ги избегнувале скенерите при патувањата“.
Реакцијата на Таравари следеше откако поранешниот министер за надворешни работи од опозициската ДУИ, Бујар Османи, преку Фејсбук изрази негодување за инцидентот со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на скопскиот аеродром. Според него, инцидентот ја покажува неспособноста и неодговорноста на, како што ги нарече, илегалните албански претставници во власта.
И поранешниот вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, реагираше на Фејсбук за настаните на аеродромот, извинувајќи се на Косово со зборовите „Косово, прости ни“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.