Преспанското Eзеро е пред еколошка катастрофа, а државата е незаинтересирана, објави телевизијата „Алфа“.
Последниве години, второто по големина природно македонско езеро, Преспанското, како да се бори за живот. Мерењата покажуваат загрижувачки резултати, кои се видливи дури и со голо око. Нивото на Езерото е спуштено дури за 2,5 до 3 метри под критичниот минимум, а повлекувањето на водата долж брегот е од неколку стотици метри па се до 3 километри, во зависност од конфигурацијата и местоположбата. Познавачите на состојбите, како и концесионерите, велат дека опстанокот на ендемската флора и фауна во езерото сериозно бил загрозен, а причините за таквата состојба ги гледаат во климатските промени, во сушните години, но и во несовесноста на луѓето кои езерото го претвораат во вистинска депонија.
Изменета е доста флората и фауната на Преспанското Езеро во последните десетина години. Целото крајбрежје е обраснато со трска, на пример Преспанско Езеро имало, да кажеме 20-25 посто трска, до 30 посто на крајбрежјето, сега е обраснато 80-90 посто со трска. Министерството за животна средина не дава дозвола сето тоа да се чепка, не даваат дозвола еве, за да се уништи таа трска. Се направи тендер за чистење на тињата барем на плажите во Стење, во Претор и во Сливница, требаше да биде тој проект некаде во мај лани, мај – јуни, меѓутоа пропадна тој тендер..и остана тоа како што е сега – така…“ изјави за „Алфа“, Агрон Реџепи од Концесионерот „Преспафиш“.
И градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, признава дека Преспанското Езеро подолго време е во лоша состојба. Меѓутоа, тој се надева дека со пролетните дождови и со топењето на снегот, состојбата колку-толку ќе се ублажи. Според него, спасот за Преспанското Езеро е во изготвување на проект по примерот на Дојранското.
Длабочината кај што е поголема понеосетно е бегањето, а кај што е помала длабочината, тука веќе сериозно се познава површински. Во висина ние имаме дури до три метри повлекување. Тоа е многу страшно. Но, да бидам докрај искрен, уште не е излезен на суво „Римскиот пат“. Значи, нивото некогаш било уште пониско…Така што ова е многу динамично и моделот за спас, лично јас го гледам само Дојранскиот модел, ама со вентил да може да се запре“, посочува Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.
Инаку, пред десетина години, тогашната локална и централна власт, реализираше повеќе значајни проекти за заживување на туризмот долж Преспанската ривиера, но и за заштита на езерските води. За жал, според сегашната локална власт, од тоа, сега или нема останато ништо, или пак е многу малку.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.