Професор од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Тетово со минимален просек од 6,7 се стекнал со звање доцент, соопштија денеска од Форумот за образовни промени. Извршниот директор на Форумот за образовни промени Бленди Ходаи, во изјава за медиумите пред Министерството за образование и наука, рече дека во април годинава до нив пристигнала информација дека Агрон Алили кој предава на Природно-математичкиот факултет при Тетовскиот универзитет бил унапреден во доцент спротивно на законот.

Во јули по претходно поднесена претставка од наша страна до Државниот просветен инспекторат беше потврдено дека бил незаконски унапреден со минимален просек од 6,7 и со немање звање од соодветна научна област, рече Ходаи.

Според Ходаи, оформениот предмет за професорот веќе шест месеци се наоѓа во Министерството за образование и наука и се чека на постапување од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, согласно Законот за високо образование, но до денес не е преземено ништо.

Не веруваме во случајности, посочениот незаконски избран доцент по унапредувањето донирал 180.000 денари во Демократската унија за интеграција. Во Форумот за образовни промени не знаеме колку може да чини унапредувањето на академски звања со пречекорувањето на законот. Но, едно е сигурно дека не може да се плати високата цена на деградација на образованието во државата, рече Ходаи, повикувајќи ги надлежните институции да преземат мерки за санкционирање на прикривањето на предметот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.