Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за „Тема на денот“ на Сител телевизија истакна дека предвремени избори кои ги бара опозицијата, се друга процедура и не се поврзани со уставни измени и тоа е нешто што нема ништо заедничко.
Ние имаме стабилно мнозинство. Ние мора да бидеме свесни дека сега продолжувањето на европскиот пат во државата и отворањето на кластерите зависи исклучиво од нас. Од нас зависи дали за иднините генерации во оваа држава ќе обезбедиме што побрзо зачленување во ЕУ. Дали сите капацитети ќе ги свртиме кон водење на успешни преговори и како што кажавме до 2030 година со сиот наш капацитет да станеме полноправна членка на ЕУ. Бидејќи членството во ЕУ не е само политичко прашање, не е само интеграција сама по себе, тоа е прашање на обезбедување на подобра иднина за нашите генерации, рече премиерот Ковачевски и додаде дека мнозинството за отпочнување и завршување на процесот на уставни измени е работа којашто се одвива во Собранието и дека е потребно заради граѓаните на оваа држава.
Премиерот Ковачевски дополни дека процесот на евроинтеграции не е процес на една единствена политичка партија.
Процесот на европска интеграција е нешто коешто го имаме добиено од нашите предци пред 31 година кои формираа независна држава. Ние како држава тогаш се определивме за членство во НАТО и ЕУ. Станавме членка на НАТО, сега ќе станеме членка и на ЕУ. Тоа не е прашање на политичка одговорност, туку е повеќе прашање на политичка визија од страна на сите политички партии коишто се застапени во парламентот да го реализираат тоа што државата го има поставено како цел. Можам да ви кажам дека доминантниот дел на политичките партии коишто бевме на средбата се за уставните измени, подевлече премиерот Ковачевски и додаде дека секоја политичка партија во една демократска атмосфера треба да ги изнесе своите политички ставови кои ги има.
Премиерот Ковачевски додаде дека на средбата секој можеше да го каже своето мислење, без притоа тоа да биде оценувано афирмирано или негирано од било кого, бидејќи сепак се работи за прва средба на која секој можеше да ги искаже своите политички ставови.
Премиерот Ковачевски уште еднаш подвлече дека средбата е позитивен сигнал и кон граѓаните, дека сепак политичките партии коишто се доминантни политички во државата, и коишто ги застапуваат граѓаните во парламентот можат да седнат на иста маса и да разговараат за клучните проблеми кои што се однесуваат на граѓаните и на иднината на државата.
Нормално дека има различни политички ставови, меѓутоа доколку се седи, доколку се разговара, тогаш и добар дел од тие политички ставови можеби во иднина ќе бидат доближени, заклучи премиерот Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.