На седницата на претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ),синоќа меѓу другото, партиските функционери во извршната власт давале отчет за сработеното.

Според информации на ТВ Алсат, на состанокот се продлабочил судирот во кој се бара одговорност од извршната власт на чело со вицепремиерот Артан Груби.

Доколку не успее иницијативата, дел од ДУИ, според некои најави, ќе формира фракција во партијата.

Министерот Бујар Османи, од позиција на портпарол на ДУИ, синоќа соопшти дека останува уште третата точка од дневниот ред, односно презентација на извештајот за работа на министрите, заменик-министрите и државните секретари, за која и тој најави дека може да трае и со часови.

Тој соопшти дека избрани се 16 секретари за ист број на партиски секретаријати и дека Артан Груби останува шеф на кабинет на лидерот Али Ахмети.

Пред првата конститутивна седница на новото Централно претседателство на ДУИ, Изет Меџити, кажа дека очекува вистинска дебата и најави дека ќе бараат смена на Артан Груби од извршната власт.

Ќе згреши било кој што мисли дека ќе има само формална дебата. Мислам дека ова е Демократската унија за интеграција каде што секогаш има жестоки дебати во функција да се исправиме самите ние, пред да не поправи народот. Поради неефикасност, нереализирање на програмата, ќе бараме смена на господинот Груби – рече Меџити.

Груби, пак, во кратката изјава за медиумите го прокоментира вчерашниот ден како прекрасен и за ДУИ и за сите граѓани.

Реорганизацијата на партијата почна откако во септември се бараа реформи во ДУИ. По неколку средби на претседателот Али Ахмети со ограноците се одржа Централен совет на кој се избра новото претседателство, во кое дел од тие што негодуваа, добија високи партиски позиции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.