Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не смета дека е лично одговорен за хаосот со издавањето на лични документи, пред сè патните исправи.

Сите аспекти на овозможување се овозможени во тој период. Целиот тој период, и Акциски планови и управувачки комитет кој што управувцал со целиот процес, сето тоа, како што е предвидено со позитивните законски прописи, така е постапувано. Апсолутно не може никого вие сами да го натерате да ги извади документите во 2021 година, во 2022 година или во 2023 година, изјави Спасовски вечерва во интервју за „Топ тема“ на Телма.

Смета дека биле создадени сите предуслови граѓаните на време да ги заменат документите, но не сакаше да се извини на ниту еден од околу 640.000 луѓе кои од понеделникот останаа без пасош.

Апсолутно, не сакам да фрлам вина на граѓаните. Меѓутоа, секој еден граѓанин имал можност од 1 јули да започне со промената на личните документи. Сите оние кои поднесе барање за замена на документите, тоа треба да си го направат низ системот на министерството, порача поранешниот министер за внатрешни работи.

Тоа што моето име и потпис стојат на сите документи за обрасци и правилници е затоа што сум бил министер во тоа време, додава Спасовски.

И тоа е најмалку спорно. Било кој да бил министер во тоа време, ќе морал да ги спроведува сите тие постапки кои се однесуваат во делот на почитување на уставот и на законските одредби кои што ги имаме. Инаку, можностите се создадени и до 1 јули во 2021 година со издавањето на новите документи кои што се усогласени со спогодбата од Преспанскиот договор, со уставот и со законот, рече Спасовски.

Тој рече дека по 1 јули во 2021 година не се издавале документи со стари обрасци.

До 1 јули, односно 5, како е денот, се издавани документи. Не можете да очекувате дека спогодбата стапува на сила на 12 февруари во 2019 година и од 13 февруари некој ќе може да издаде нов документи, патен, личен, итн. со новото уставно име. Прво, треба да се изврши набавка на софтверско и хардверско решение кое што ќе ги вклопи новото уставно име и законот за јазиците. Врз основа на тоа да се изврши таа набавка, да се имплементира во системот на персонализација, да се набават новите обрасци, тие да пристигнат и врз основа на тоа да се изменат законските решенија и од моментот кога ќе стапат на сила, да се издавааат патни исправи со новото уставно име, вели тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.