Штипскиот градоначалник Иван Јорданов денеска остана пред вратата на Клиничката болница во Штип, каде не му беше дозволено да го посети првото новороденче во новата година. Девојче тешко четири килограми и 200 грама, од мајка радовишанка, е првата радост во штипското акушерско одделение за 2022 година, родено денеска, но нејзините и подароците за мајката се вратија во градоначалничкиот кабинет, затоа што директорот на болницата Ален Георгијев одби да го пушти градоначалникот внатре. Тој наводно не бил известен за посетата, која што е традиционална во сите градови од земјата.

Јорданов, пак, пред новинарите објасни дека посетата била најавена и одобрена од гинекологор и родилката.

Еден убав настан, се претвори во политичко препукување и реваншизам!
Наместо првото новороденче за 2022 година да донесе општа радост и да ги сокрие фрустрациите на Директорот на Клиничката болница, во најлош облик го откри нечовечкото во него.
Иако уредно најавени, со одобрение од дежурниот доктор и родилката, со традиционални подароци за првата среќа во нашиот град за оваа година, сепак по наредба на директорот, некултурно и дрско бевме оставени пред вратата на Акушерското одделение. Односно, наместо раководните лица годинава да смислеа како да се заврши Клиничката болница, наместо да внимаваа да не се изгубат парите за неа, очигледно повеќе енергија трошат како да унесреќат уште еден недолжен сограѓанин и во најсветлите моменти за него!, сподели тој на „Фејсбук“.

Иако и лани во ек беше пандемија, директорот заедно со тогашниот штипски градоначалник од редовите на СДСМ, Сашко Николов, го посетија првото новороденче за 2021 година, со цела екипа на новинари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.