Здравството го тресат скандали седум години. Последниот скандал со трговија со цитостатици на Клиниката за Онколигија е шокантен. Од една страна ни нудеа билборди за европско и бесплатно здравство, а од друга страна гледаме мафија во здравството, вели д-р Лазо Јовчески, член на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ пред отприлика две години предупредуваше за ова што денес е актуелна тема, а пред околу шест месеци и медиумите почнаа да се занимаваат со темата. Значи на МВР и министерот Оливер Спасовски им требаше многу време да реагираат и тоа само со предистрага. Потенцираме, иако знаеле за случувањата ништо не презеле. Разрешување директор на Клиниката не е мерка, а во случајов само тоа го видовме. Освен замајување на јавноста, нема мерки со кои треба да се спречат ваквите случаи кои како последица може да имаат и губење човечки животи, истакна тој.
Докторот посочува дека токму оваа влада на СДСМ и ДУИ ветуваше живот, а очигледно испорача само човечки несреќи.
-Оваа Влада на СДСМ и ДУИ вети децентрализација на третманот за овие пациенти, а истиот е максимално централизиран. И гледаме како наместо да ги лечат најтешко болните, ги крадат со години. Дополнително, но многу важно е прашањето зошто доколку се грижеле за оваа најранлива категорија пациенти и по седум години владеење не се ставени во функција акцелераторите кои беа набавени пред 2017 година. Зошто и по 10 промоции не работи акцелераторот во Градската општа болница „8-ми Септември“? Зошто не е во функција ниту акцелераторот во Битола? За ова злодело мора да се одговара, порача тој.
Јовчески истакнува дека мора да има одговори и на следните прашања:
Прво, кој ќе одговара со име и презиме за ваквиот третман на онколошките пациенти?
Второ, кој дозволил незаконско и неуставно делување во третманот на пациентите наспроти уставно загарантираното право на здравствена заштита на секој пациент?
Трето, зошто најсовремената онколошка терапија не е на позитивна листа за која четворица министри од Владата на СДСМ и ДУИ не мрднаа со прст?
Четврто, во чии џебови се украдените пари и дали има лоцирана одговорност?
Петто, точни ли се наводите и цифрите од стотици евра кои се споменуваат во јавност, а им се бараат на пациенти со малигни заболувања за одредени дијагностички процедури неопходни за натамошен третман?
Шесто, дали последната акција е уште еден обид за замајување на јавноста?
-Одговорност за овие монструозни постапки мора да има и ќе има. И тоа и кривична и политичка одговорност. Последните случувања на Клиниката за онкологија се уште еден показател дека час поскоро треба да замине оваа одродена власт за да почне рестартирање на здравствениот систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.