Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите рече дека е лага дека билатералните прашања односно дека договорите со Бугарија се внесени во рамката со сегашниот европски предлог, потенцирајќи дека тоа било со сите предложени рамки досега. Ново, вели тој, е дека делот за човековите и малцинските права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план“.

Кажуваа дека договорите влегле во оваа рамка. Не е точно. Договорите секогаш биле во секоја варијанта на рамката, откога постои рамка, откога постои разговори меѓу нас и ЕУ. Значи првата лага во овој пакет, бидејќи сакам така да ги демантираме едно по едно е дека има нешто договорите со Бугарија биле внесени во рамката. Не е точно. Секогаш биле во рамката, рече Османи.

Ја цитираше новата рамка:„Обврска за добрососедски односи вклучувајќи и опипливи резултати во имплементација, во добра волја на билатералните договори вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и годишните прегледи и мерки за негова имплементација.

Тоа е разликата меѓу прифатливата рамка од сите други и новата француска рамка за која што се покрена хистерија. Значи што е разликата? Овде вели договорот, а тука договорот, годишните прегледи и мерки за имплементација. Што е разлика меѓу договор и негова имплементација? Тука вика да го имплементирате договорот со опипливи резултати, овде вели опипливи резултати на Договорот како и годишните прегледи за негова имплементација. Тоа е тоа во општиот дел. Ова не е во делот кај што се патоказите. Многу е тоа важно, потенцира Османи.

Разлика помеѓу прифатливот германски и новиот француски, според министерот за надворешни работи, е апсолутна тафтологија и е прашање на формулација на реченици.

Лага е дека историските прашања, билатералните прашања се влезени во францускиот предлог различно од кои било други предлози, рече Османи.

Во делот на одредниците односно патоказот, министерот објаснува дека делот за човекови и малцински права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план“.

-Повторно е истата содржина во која што вели: Македонија низ инклузивен процес ќе подготви акциски план наменет за заштита на правата на лицата коишто припаѓаат на малцинствата и заедниците, вклучувајќи го полето на недискриминација, борба против говор на омраза, образование – се мисли на образование на право, не се шпекулира дека се тоа историски прашања, како и ефективни мерки за идентификување на одговорни институции коишто тоа ќе го гарантираат“. Тоа е во нашиот акциски план за малцински права, нагласи Османи.

Според него, ова е единственото билатерално прашање внесено во рамката.

Замислете каква хистерија се создаде дека во рамката во францускиот предлог има некои механизми, значи се што има во овој предлог прво беше место Договор за добрососедство, Договор за добрососедство и негова имплементација што е апсолутно исто и второ, акцискиот план за човекови права е спуштен од еден параграф во друг параграф. И се манипулира јавноста дека ова е предавство, дека тука има нешто ново, рече Османи.

Во оваа рамка нема ништо ново, тврди шефот на дипломатијата.

Тоа што е ново е дека во оваа рамка македонскиот јазик е како и сите јазици под ист статус во ЕУ и дека се само овие две прашања коишто повеќе создаваат впечаток дека е нешто ново направено за да се создаде впечаток за компромис се надевам дека ова нема да штети во Бугарија, меѓутоа јас тие ќе ги бранам овие позиции секогаш, ништо друго нема. Ништо друго нема. Лага е дека францускиот предлог прави нешто повеќе отколку што правеше претходниот германски предлог и дека ние никогаш не сме имале обврски кон Договорот со Бугарија и Договорот со Грција, истакна Османи.

Македонија ќе ги вметне во Уставот Црногорците, Хрватите и Бугарите, и тој процес на уставни измени, како што објасни, би бил пред отворањето на првото поглавје.

Почетокот на преговорите, прва меѓувладина конференција, отворање на преговорите, фул скрининг процес до завршување на скринингот пред отворање на првото поглавје треба да направиме уставни измени. Кои уставни измени? Заедно со шест други заедници да ги внесеме и Црногорците, Хрватите и Бугарите, рече Османи.

Бугарите ќе ги добијат сите права како што ги добиваат сите наши државјани и немаат ништо помалку права од сите нас, од премиерот, од претседателот…, вели министерот.

Внесувањето на Бугарите рамо до рамо со македонскиот народ за првпат отвора нов пристап и тоа директно во уставот на односите помеѓу бугарскиот народ и македонскиот народ за кој секогаш имаше различен пристап во Република Бугарија, оцени Османи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.